ЕП во стрелаштво за параолимпијци

Македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова, го освои златниот медал на Европското парапрвенство (ЕП) во стрелаштво, во норвешкиот град Хамар, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Во возбудлива финална серија, во конкуренција на осум натпреварувачки, таа погоди 232,3 круга. Второто место и припадна на Турчинката Ајсел Озган со 231,5 круга, а трета беше нејзината сонародничка и сопственичка на европскиот рекорд (237,7) Ајсеѓул Пехливанлар со погодени 210,4 круга. Наковска-Бикова во денешните утрински квалификации заврши како трета.

Кај мажите Александар Јовановски во квалификациите, со 547 круга, го освои 10-то место и само еден круг му недостигаше за и тој да се најде во финалето. Третиот македонски натпреварувач на ова ЕП, Ванчо Каранфилов, со 533 круга, го освои 19-то место.

– ЕП не е квалификациско за пласман на Параолимписките игри во Париз, но сигурно ќе важат минимум норми за Светското првенство во ноември годинава, кое, пак, е квалификациско за Параолимписките игри во 2024 година – ни изјави селекторот на македонската репрезентација Бранимир Јовановски, кој ги предводи македонските претставници на ЕП. Г.И.