ВТА планира на повеќе турнири тенисерките да заработуваат исто како и тенисерите

Планот е до 2027 година да има исти исплати за жени и за мажи во сите рунди во сингл на заедничките турнири ВТА-АТП од сериите 1.000 и 500, двете нивоа веднаш под четирите гранслема, и до 2033 година да се осигури еднонеделните турнири што се играат во исто време, но на различни локации, да нудат исто пари како за мажите

Потребни беа повеќе од три децении по основањето на Женската тениска асоцијација (ВТА) за сите четири гранслем-турнири да се согласат да им дадат исти парични награди на тенисерките и на тенисерите. Сега женската турнеја се обврзува да се погрижи и нејзините спортисти да добијат идентични награди на некои други највисоки турнири во наредните години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
ВТА објави дека го ревидира својот сезонски календар и правилата за тоа кои играчи мора да учествуваат на одредени турнири, а го поставува и она што го нарече „пат до еднакви награди“. Планот е до 2027 година да има исти исплати за жени и за мажи во сите рунди во сингл на заедничките турнири ВТА-АТП од сериите 1.000 и 500, двете нивоа веднаш под четирите гранслема, и до 2033 година да се осигури дека еднонеделните турнири што се играат во исто време, но на различни локации, да нудат исто пари како за мажите.
Извршниот директор на ВТА, Стив Сајмон, рече дека дополнителните пари ќе дојдат од постепено зголемување од самите турнири и од приходите што се предвидени да стигнат од преносите, податоците и од правата за спонзорство преку комерцијалното претпријатие на турнејата што почна со работа во март. Сите промени ќе треба да бидат одобрени од Управниот одбор на ВТА во август, нешто што ВТА очекува да се случи. Предлозите вклучуваат зголемување на бројот од турнири од серијата 1.000 на 10, при што настаните во Пекинг (2024 година), Синсинати (2025) и во Канада (2025) се прошируваат на две недели со повеќе учеснички, потоа нови правила за зголемување на учеството на водечките играчи на најголемите турнири и правење ранг-листа врз основа на најдобрите 18 резултати, не само на најдобрите 16, плус финалето на ВТА.
Отвореното првенство на САД беше првиот гранслем-турнир на кој жените и мажите добија исти награди, почнувајќи од 1973 година, Австралија опен воспостави еднакви наградни во 2001 година, Ролан Гарос на своите двајца шампиони во сингл им даде иста награда во 2006 година и го прошири тоа за секое коло во 2007 година, а Вимблдон се обврза на еднакви награди во 2007 година, пишува АП. Н.М.