Фото: ЕПА

Понудата за целосно финансирано место за нашата инаугуративна шампионка е значаен момент, рече управната директорка на Академијата Ф1, Сузи Волф, откако Марта Гарсија доби целосно платено место во серијата Формула Рено Еврокуп на Алпине за 2024 година, категорија што е отскочна штица помеѓу сериите Формула 4 и Формула 3

Победничката на Формула 1 академијата, Марта Гарсија, доби целосно платено место во серијата Формула Рено Еврокуп на Алпине за 2024 година, пишува „Би-би-си“. Таа ќе се натпреварува за водечкиот тим Према во категоријата што е отскочна штица помеѓу сериите Формула 4 и Формула 3. Финансирањето ќе дојде од Ф1-академијата, производителот на автомобили „Татуус“, Према и доставувачот на гуми на Формула 1, „Пирели“. Гарсија рече дека е „одушевена“ и додаде дека настапот ќе биде „голем чекор“.
– Ф1-академијата е за прогресија и за создавање повеќе можности за млади жени во мотоспортот, така што да се понуди целосно финансирано место за нашата инаугуративна шампионка е значаен момент. Фактот што таа, исто така, ќе продолжи да се трка со Према, со кого изгради врска и е актуелен тимски шампион во оваа категорија, исто така, ќе помогне во нејзиниот иден развој – рече управната директорка на Академијата Ф1, Сузи Волф.
Гарсија стана прва шампионка на Ф1-академијата со победата на првата од трите трки на големата награда на САД минатиот викенд, во серијата само за жени.
– Знаеме дека ќе треба да работиме многу со тимот за да успееме, но јас сум навистина решена да направам добро. Не можам доволно да ѝ се заблагодарам на Ф1-академијата. Тоа е толку фантастична иницијатива и тоа е вистинскиот начин да се направи тоа, обидувајќи се да ги однесе возачите со најдобри резултати на највисоко ниво. Каква неверојатна можност, се радувам на неа и на работата што ја имаме пред нас, на и надвор од патеката – рече Гарсија.
Серијата Формула Рено Еврокуп на Алпине од следната сезона ќе им дозволи на тимовите да имаат и четврти болид, доколку потпишат возачка што ќе заврши на првите три места во поредокот на Академијата Ф1. За својата втора сезона, во 2024 година, пак, Ф1-академијата ќе ја намали сумата што возачката треба да ја плати за учество во серијата на 100.000 евра, од 150.000 евра, пишува „Би-би-си“.
Н.М.