Спортистите од целиот свет ќе одиграат вкупно 549 натпревари во борбата за медали во 22 параолимписки спорта. ПОИ ќе биде уште една можност спортската јавност да ужива во спортот од светски ранг и да навива за своите спортисти, а Македонката Наковска-Бикова да стигне до својот втор олимписки медал

МАКЕДОНСКАТА ПАРАОЛИМПИСКА ЕКСПЕДИЦИЈА УТРЕ ПАТУВА НА ПОИ 2024

Параолимписка репрезентација на Македонија, во состав Драган Дојчиноски, шеф на мисијата, д-р Елвис Алексовски, лекар на репрезентацијата, Бранимир Јовановки, тренер и заменик-шеф на мисијата, и единствената натпреварувачка од Македонија на овие Игри, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, утре патуваат за Париз на Параолимписките игри (ПОИ), кои ќе се одржат од 28 август до осми септември. Таму ќе им се придружи и Африм Јашари, македонското параолимписко аташе и советник во Амбасадата на Македонија во Париз.
Свеченото отворање на Игрите е закажано на 28 август, на „Плас де ла Конкорд“, со што ќе започне и 11-дневното натпреварување, на кое ќе учествуваат околу 4.400 спортисти. Многу нешта се очекуваат на ПОИ 2024 во Градот на Светлината. Спортистите од целиот свет ќе одиграат вкупно 549 натпревари во борбата за медали во 22 параолимписки спорта. ПОИ ќе биде уште една можност спортската јавност да ужива во спортот од светски ранг и да навива за своите спортисти. Истите култни места што беа и на ЛОИ 2024, ќе бидат присутни и сега. Маскотите што ги освоија срцата на олимписките навивачи пак ќе се вратат, но сега на ПОИ. Ќе има и места за славење, каде што луѓето ќе можат заедно да ја споделат среќата на овие Игри, кои ќе влезат во историјата како Прва летна Параолимпијада одржана во Франција, информираат од ПОИ 2024.
Билетите за ПОИ 2024 се одамна достапни на веб-страницата за билети за овие Игри. Во последните денови секако дека е зголемена нивната побарувачка, а продадени се речиси над 1,4 милион билети. Од 12 август во продажба се 75.000 билети по цена од 15 евра и речиси 300.000 по цена од 25 евра, вклучувајќи ги и билетите за финалето. Билетите се достапни и за некои од најпопуларните параолимписки спортови, како на пример параатлетика на „Стад де Франс“, тенис во инвалидски колички на „Ролан Гарос“, парапливање во арената „Ла дефанс“ и кошарка со инвалидски колички во арената „Берси“. Билетите за церемонијата на затворањето, пак, односно големото финале на Игрите 2024, се достапни по цена од 120 евра, наведуваат од ПОИ 2024 на нивниот официјален сајт.

Во неколку спорта, билетите се веќе распродадени, како што се мечување со инвалидски колички, паратаеквондо, паравелосипедизам, паратриатлон, потоа парастрелаштво, кое ќе се одржи во национален стрелачки центар „Шатеру“. Тука е и парискиот центар „Дискавери“ со неколку финалиња, вклучувајќи рагби со инвалидски колички во „Шам де Марс“, финалето во кошарка со инвалидски колички во арената „Берси“ и други.
Претседателот на ПОИ Париз 2024, Тони Естанге, ги покани љубителите на спортот од целиот свет да се приклучат на најголемата прослава на параспортот.
– По ЛОИ 2024, Игрите ќе се вратат со 4.500 спортисти, подготвени да се натпреваруваат со истата силна енергија и на истите уникатни и возвишени места за натпреварување. ЛОИ беа воведниот дел, а ние ќе го доживееме реваншот. Се гледаме на 28 август на ПОИ во Париз 2024 – истакна Естанге.
И претседател на Меѓународниот параолимписки комитет, Ендрју Парсонс даде свој коментар за претстооните ПОИ.

– По исклучително успешните ЛОИ, поубеден сум од кога било дека Париз 2024 ќе биде домаќин на најспектакуларните ПОИ во историјата. Забавата продолжува и луѓето треба да се подготват за најизненадувачкиот и најимпресивен спортски настан на кој некогаш ќе бидат сведоци. Дванаесет дена спорт од врвна класа што ќе ја промени Франција засекогаш, менувајќи го начинот на кој луѓето се гледаат себеси едни со други. Тоа е шанса што не се пропушта. Дојдете и гледајте ги ПОИ, ви ветувам искуство што ќе го промени вашиот живот, настан што веројатно никогаш повеќе нема да го видите во Париз во вашиот животен век – истакна тој.
Претседателката на Францускиот параолимписки и спортски комитет и четирикратна параолимпијка, Мари-Амели Ле Фур, беше децидна.
– ЛОИ во Париз 2024 се целосен успех и сигурно ќе останат во историјата. Но Игрите сe` уште не се завршени, а сите сме таму за да се продолжи магијата. Истите места за натпреварување, истата поддршка за нашите 237 француски спортисти да настапат на највисоко ниво. Ја знам огромната моќ на ПОИ и знам дека нашата земја ќе се заљуби во нив и засекогаш ќе биде обележана од нив. Се гледаме на 28 август – рече Мари-Амели Ле Фур, Г.И.


Наковска-Бикова – колекционерка на медали

Оливера Наковска-Бикова, која во Париз ќе се натпреварува во три дисциплини, на ПОИ 2012 година во Лондон освои злато во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Таа на сите ПОИ на кои настапила досега, почнувајќи од 2004 година, била во финалето. Досега има едно злато, едно сребро и три бронзи на СП, додека на ЕП двапати се закитила со злато и еднаш со сребро, а има освојувано медали и во екипна конкуренција на СП и ЕП.
Оливера Наковска-Бикова во Париз ќе се натпреварува на 31 август, со воздушен пиштол од 10 метри, на 2 септември со спорт пиштол од 25 метри и на 4 септември со пиштол слободен избор од 50 метри.