ШАХ – ПРИЈАТЕЛСКИ ДВОМЕЧ
Во Тетово се одржа пријателски шаховски двомеч помеѓу шаховските ветерани од Тетово и шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, кој се играше на шест табли, двокружно. Во првиот дуел поуспешни беа шахистите од Скопје, кои славеа со 3,5-2,5, а тетовци им се реваншираа во вториот дуел со истиот резултат, за конечни 6-6.
Љубителите на древната игра во Тетово имаа можност да се потсетат на квалитетите на шахистите, кои во својот зенит беа меѓу водечките во нашата држава, како на пример, Љубомир Илиќ, Илија Тодоровски, Љубомир Хаџи-Манев, Илија Стошевски, Михајло Илиќ, Ратко Трајановски, Лазо Спасовски и Абдулкадри Ибраими, кој наедно беше и домаќин на двомечот.
– Овој натпревар беше втор во македонската турнеја на шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72. Во март годинава натпреварувачкото дружење помеѓу повозрасните шаховски вљубеници почна во Битола, а во наредниот период се очекува шаховскиот карван од Скопје да иницира натпревари и во други шаховски центри во Македонија – вели Стошевски, претседател на ШК Ветерани Скопје 72. Г.И.