Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 утре (недела), ќе го одржи традиционалниот четврти по ред Велигденски турнир во забрзан шах за ветерани во седум натпреварувачки кола (швајцарски систем), во просториите на ресторанот „Еснаф“ во Скопје. Право на учество имаат шахисти од 60 години и постари. Поради ограничените просторни можности, бројот на учесници се лимитира на 24, при што организаторот го задржува правото при поголем број пријавени да направи селекција, според силината (рејтингот) на шахистите. Судија на турнирот е искусниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Љубомир Хаџи-Манев, а директор Александар Сидоровски.
Ќе се игра и бодува по правилата на ФИДЕ за забрзан шах, односно 15 минути за партија со додавање 10 секунди за секој потег почнувајќи од првиот, по играч. Потврда за учество до утре заклучно до 10 часот. Првото коло ќе започне веднаш по свеченото отворање, а по одиграни четири кола, ќе има пауза од 30 минути. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе бидат веднаш по завршувањето на последното коло.
– Според досега пријавените шахисти, 28, од кои пет се ФМ, турнирот е досега најквалитетен од ваков вид (просечен рејтинг од 1.908 поени). Имаме и тројца учесници од Гевгелија, а можно е да настапи и еден шахист со највисоката титулата велемајстор. Прворангирани тројца шахисти, засега се Ѓорѓи Прошев (2.218), ФМ Љубиша Андоновски (2.159) и ФМ Јани Богоевски (2.158). Пред почетокот на турнирот секој учесник ќе добие велигденско јајце – ни изјави претседателот на ШК Скопје 72, Илија Стошевски.
Г.И.