Тоа беше посебен ден, кога моето тело и ум функционираа одлично. Во моментот бев концентриран само на играта и не бев свесен што се случува. Единствено нешто што мислев по завршувањето беа моите најблиски, возбуден да ги слушнам и да ја споделам со нив мојата радост за постигнатиот резултат, вели Влакевски, кој бранејќи ги боите на германскиот клуб Халбергмос, во натпревар во Бундес-лигата собори 758 кегли, што е втор најдобар резултат во светот, по оној на Србинот Вилмош Заварко од 771

КУГЛАЊЕ – БОЈАН ВЛАКЕВСКИ ПОСТИГНА ВТОР РЕЗУЛТАТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Македонскиот куглар Бојан Влакевски (37), кој стандардно настапува за хрватската репрезентација, влезе во аналите на светското куглање, откако неодамна постигна втор најдобар резултат во историјата на куглањето на сите времиња. Бранејќи ги од годинава боите на германскиот клуб Халбергмос, тој во натпревар во Бундес-лигата собори 758 кегли, што е втор најдобар резултат во светот, по оној на Србинот Вилмош Заварко, 771. Светскиот рекорд, пак, кој се бележи само на светските првенства (СП), е во сопственост на Србинот Чонгор Барањ, со 738 кегли.

Дали се надевавте да постигнете ваков резултат еден ден, дека тоа ќе се случи токму сега и што помисливте по последната фрлена кугла?
– Се надевав и тренирам за големи резултати, меѓутоа рекорди не се постигнуваат кога ќе посакаш. Тоа беше посебен ден, кога моето тело и ум функционираа одлично. Во моментот бев концентриран само на играта и не бев свесен што се случува. Единствено нешто што мислев по завршувањето беа моите најблиски, возбуден да ги слушнам и да ја споделам со нив мојата радост за постигнатиот резултат.
Дали овој резултат значи дека сега еланот и мотивацијата за игра се поголеми, а тоа значи и многу пооптимистички ќе гледате на следните натпревари, а можеби потајно ќе верувате дека можете да станете и светски првак?
– Нормално е дека по ваков резултат еланот и мотивацијата се на највисоко ниво. Верувам дека е можно, меѓутоа за таков исчекор треба многу среќа и здравје.
Што беше пресудно, според вас, да остварите ваков резултат и кој беше вашиот досегашен личен рекорд?
– Пресудно беше ангажирањето околу сѐ што е потребно за големи резултати, како и поддршката од најблиските. Мојот рекорд досега беше 735 соборени кегли, остварен годинава во Виена, со австрискиот клуб Неункирхен.
Кој резултат е овој по вредност воопшто, а во чија сопственост е светскиот рекорд?
– Овој резултат е втор на сите времиња, по оној на Заварко од 771 кегла. Светскиот рекорд, пак, е во сопственост на Србинот Чонгор Барањ и е 738 кегли, но тие резултати се бележат само на светските првенства. Мојот личен рекорд претходно се движеше 701, 711, 713, за сега да изнесува 758 соборени кегли.
Како се станува врвен куглар, колку напор и време, покрај талентот, се разбира, се потребни да се стигне дотаму?
– Како и сите други спортови така и куглањето, покрај талентот, си бара макотрпна работа, посветеност, поддршка од блиските и многу среќа да не добиеш некоја повреда.
Зошто токму куглањето го одбравте како спорт и на колку години ја фрливте првата кугла?
– Тоа беше сосема спонтано и семејно, како и повеќето во нашиов спорт, а се случи на 17-18 години…
Кугларска желба?
– Да освојам златен медал на екипно светско првенство.


Со Запрешиќ триумф во Светскиот куп и во Лигата на шампионите

Со хрватскиот клуб Запрешиќ, Бојан Влакевски ги освои Светскиот куп (СК) и Лигата на шампионите (ЛШ) во 2019 година, заедно со вториот Македонец со хрватско државјанство (од 2015 година) и тамошен репрезентативец Бранко Манев. По скопски Макпетрол, со кој беше втор во Купот на НБЦ во Аугсбург (Германија) во 2013 година, овие триумфи со Запрешиќ на Влакевски му се најголеми клупски успеси, додека со македонската репрезентација има сребро на Светското првенство (СП) во Унгарија, во 2013 година, а годинава играјќи за хрватската репрезентација заедно со Манев го освои бронзениот медал на екипното СП во Хрватска. Бил првак на Македонија во сите возрасни категории, а сениорски во 2016 година. Првите кугларски чекори ги направи во матичниот клуб Тутунски комбинат од Скопје, а досега настапувал за Окта, Макпетрол, Вардар 2014, Медвешчак, Запрешиќ, Неункирхен, а од 1 јули годинава е во Халбергмос. Еден од омилените спортови, како што вели, покрај куглањето, му е кошарката, но е љубител речиси на сите спортови.

[email protected]