Жестоки реакции на меѓународноправните експерти, кои и досега многупати предупредувале на ваков развој на настаните по потпишувањето на договорот од Нивици

Со оглед на непринципиелната базична асиметричност на соседските договори што ги потпиша Македонија, кои еклатантно самите се во спротивност со највисокото право, јус когенс, според принципите на меѓународното право, тие самите по себе се ништовни.
Освен тоа, малициозната манипулативност на другите страни во договорите (Бугарија и Грција) за реализирање нивни националистички интереси, без остварување на ветените придобивки за Македонија (напредување во евроинтеграциите), ги деградира смислата и целисходноста на нивната аргументираност во меѓународноправниот промет. Со оглед на неисполнувањето на замислената функција на овие договори и штетата што ја имаат направено за меѓународното позиционирање на земјата, се чини дека во Македонија треба посериозно да се размислува како легално да „паднат“ овие два договора.

Со Преспанската спогодба се врши негација на нашиот национален идентитет

Универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев е категоричен дека „поаѓајќи од фактот што со Преспанската спогодба универзално се врши негација на нашиот национален идентитет (како признаено право и во ООН) односно општата ДЕМАКЕДОНИЗАЦИЈА, наше основно право, но и меѓународноправна обврска е да го раскинеме договорот со кој се врши културен геноцид (како посебна форма на геноцид, забранет со највисокото задолжително императивно право)“.
– Што се однесува на можностите за еднострано раскинување на Преспанскиот договор (Преспанската спогодба), прво треба да констатирам дека овој акт е нелегален и дека со него се негираат постоењето и посебно идентитетот на нашиве Македонци, како малцинството во Грција. Имено, според договорот од Нивици, кој важи ерга омнес (т.е. „за сите страни“, а не само билатерално!) прашањето на негрчкото малцинство е „внатрешната работа на Грција“ (овој став во една изјава на Владата го потврди и министерот Маричиќ). Од друга страна, меѓународната обврска за Македонија е да се грижи за своите малцинства и ваквите етноцидни и културоцидни одредби во Преспанската спогодба се директно во колизија со таа обврска. Пред меѓународната научна фела особено внимание привлекува очигледно нелегалната формулација ерга омнес, која се применува (покрај билатерално) и за сите други држави во светот, па дури и како елементот на дефинициите во ООН каде што сите македонски термини ѝ припаѓаат, по редефинирањето, на Грција! Накратко кажано, пред меѓународната заедница, особено и во ООН, Грција ја постигна својата најважна политичка цел базирана на идеолошката теза според која „Сѐ што е македонско е грчко“ – вели професорот Јанев.

Идентитетски модификатор што правно претставува задолжителен деноминатор“ и нѐ негира нас, Македонците

– Како што објаснив повеќепати, Преспанскиот договор наметнува еден „идентитетски модификатор“, кој правно претставува „задолжителен деноминатор“ пред идентитетот „Македонија“, со што за нас, Македонците, правно се негира дека сме „македонска нација“ и сѐ друго што произлегува од одредницата на нацијата (имено, овој нов деноминатор е заеднички именител за сѐ национално, ерга омнес!). На овој начин не е изнегиран националниот идентитет за нашето малцинство само во Грција, туку ерга омнес и во Бугарија и во другите соседни држави. Поаѓајќи од фактот што со Преспанската спогодба универзално се врши негација на нашиот национален идентитет (како признаено право и во ООН) односно општата ДЕМАКЕДОНИЗАЦИЈА, наше основно право, но и меѓународноправна обврска е да го раскинеме договорот со кој се врши културен геноцид (како посебна форма на геноцид, забранет со највисокото задолжително императивно право). Особено имајќи предвид дека модификацијата на националниот идентитет се сведува на „локален идентитет“ на вештачката творба, која не се признава надвор од границите на новодефинираната држава (по Преспанскиот договор) – вели професорот Игор Јанев.


Зошто Преспанскиот договор може и мора да се раскине

Професорот Игор Јанев дава уште неколку аргументи зошто Преспанскиот договор може и мора да се раскине еднострано.
– Без тој чекор, нема опстанок за Македонците! Пред ООН, како национално делегитимирани, десуверенизирани, ние веќе не сме Македонци, поаѓајќи од фактот дека сите македонски термини и категории ѝ припаѓаат исклучиво на Грција, а ние договорно се откажавме од нив! Користејќи го правилото на следната деривација, ние сме де факто „северномакедонци“, односно недефинирана вештачка творба што до преспанскиот акт лажно се претставувала како: „македонска нација“. Додавката (деноминаторот) „северна“, како национална негација за нас, Македонците, ни претставува вечен срам! Жиг дека ние не сме Македонци! Обврска, не само правна туку и морална, за секој чесен политичар на власт е овој жиг да го елиминира. Секој чесен Македонец не се помирува и не може да се помири со ваквата национална демакедонизација и одродување. Оттаму, света должност за сите Македонци е раскинувањето на срамниот Преспански договор – порачува Игор Јанев.


`Пред очите на објективниот суд на јавноста

Нестандардната асиметричност на билатералните договори на Македонија со соседите, Бугарија и Грција, која ги дерогира принципите на рамноправност и реципроцитет во меѓународното право, од нивните конструктори, потписници и поддржувачи, најчесто беше оправдувана со мотивот за „замижување на малите соседски неправди“, за да се добие „големата меѓународна правда“ за Македонија, преку експресното членство во НАТО и во ЕУ. Во интерес на тој добитнички наратив, се создаваше амбиент за некаква привременост на жртвата и очекување од македонската официјална страна дека „европските соседи“ нема да инсистираат на секоја точка, запирка и непрецизна терминологија наведена во договорите.

Реалната политика во изминатите пет-шест години сурово ги демантираше таквите скриени надежи на македонските политичари и нивната неоснована доверба во необврзувачките ветувања на „гаранторите“, па другите страни речиси веднаш си ги побараа „правата“ од асиметричните договори.
Грција доби промена на името на државата Македонија, а консеквентно на тоа и концесии за ограничување на историскиот и географскиот континуум на распространетоста на македонскиот народ со сите негови идентитетски атрибути. Со отстранување на блокадата за членството на Македонија во НАТО, поддржувачите на Преспанскиот договор од македонска страна настојуваат да создадат амбиент на напредок во добрососедството, а Грција да ја прикажат како поддржувач на нашите евроинтеграции.

Кога Бугарија сфати какви концесии доби Грција од Македонија, реши да го активира претходно потпишаниот Договор за добрососедство, исто така асиметричен во обврските, иако не толку прецизен како Преспанскиот. Сепак, врз основа на несмасната конструкција „заедничка историја“ во текстот на договорот, Бугарија успеа во преговарачката предлог-рамка на ЕУ за Македонија да ги вгради своите историско-национални асимилаторски претензии, за почеток формулирани како услов за внесување на Бугарите како конститутивно малцинство во македонскиот устав. Секако, без никаква намера за реципрочно признавање на македонскиот народ во својата земја и со отворена намера за негирање, т.е бугаризирање и на Македонците во Македонија.

Во една таква констелација на меѓународно окружување на Македонија, проследено со сѐ поагресивни хегемонистички политики на официјална Софија, а и од Грција, како и обиди за национална деноминација и изолирање на Македонија, направивме обид за да извлечеме на површина низа ново-стари суштински елементи и да ги ставиме пред објективниот суд на јавноста.

Подготвила: Јасминка Павловска