Почетокот на годинашната сезона е повеќе од добар за македонските атлетичари, откако државни рекорди поставија Трајковски, Поп Арсова, Ивановски, Стојоски…

АТЛЕТИКА – СО ПРЕСКОКНАТИ 7,41 М НА МИТИНГ НА ОТВОРЕНО

Андреас Трајковски, член на атлетскиот клуб Работнички од Скопје, на меѓународниот атлетски митинг во Лимасол (Кипар) постави нов македонски рекорд во скок во далечина на отворено, со прескокнати 7,41 метри. Досегашниот македонски рекорд во оваа дисциплина изнесуваше 7,15 метри и беше во сопственост на тројца атлетичари, Зоран Тасевски, Тони Дамчевски и Славчо Мирчевски.
За Трајковски, кој го освои петтото место на митингот, ова беше прв натпревар сезонава. Следната недела го очекува нов настап на меѓународната сцена, на митингот во Солун (Грција). Првото место на митингот во Лимасол го освои олимпискиот шампион и светски првак во сала, Гркот Милтијадис Тентоглу, кој прескокна 8,28 метри.
Трајковски (29) е роден во Копенхаген (Данска), татко му е од Македонија, мајка му од Данска. Лани тој доби и македонско државјанство, а од февруари годинава и согласност од Светската атлетика (СА) за промена на националноста, по што може да настапува за Македонија на официјални натпревари.
Почетокот од годинашната сезона е повеќе од добар за македонските атлетичари. Дарио Ивановски (24) постави четири нови рекорди (лани дури 10), вкупно 24 во кариерата. Во неделата, на „Скопје трча“ на 10 км на пат оствари време од 29,44 минути. Претходно во Тирана стана балкански првак во полумаратон (21,1 км) со време на нов рекорд, 1:04,55 час, а на 27. Балканско првенство во Истанбул (Турција) во сала, во трката на 3.000 метри забележа рекордно време од 7:58,48 минути и стана првиот македонски атлетичар што 3.000 метри истрчал за помалку од осум минути. Првиот рекорд годинава, исто така на 3.000 метри во сала (8:01,63), го постави во јануари на митингот во Белград.

Тој е рекордер на Македонија во девет дисциплини, на 1.000 метри на отворено (2:28,04 минути), на 1.500 метри во сала (3:44,98), на 3.000 метри во сала (7:58,48), на 3.000 метри на отворено (8:06,66), на 5.000 метри на отворено (14:02,32), на 10.000 метри на пат (29:44) минути), на 10.000 метри на отворено (30:04,66), во полумаратон (1:04,54 часа) и во маратон (2:21,27 часа).
На отвореното првенство во Скиве (Данска), во февруари, Трајковски постави нов македонски рекорд во скок во далечина во сала, со прескокнати 7,65 метри, за 32 сантиметри подобро од претходниот македонски рекорд во негова сопственост, поставен две недели пред тоа во Малме (Шведска).
Адријана Поп Арсова постави нов државен рекорд во трката на 10.000 метри на Купот на Македонија, во април, во Скопје, со време 35:00,30 минути, подобрувајќи го претходниот рекорд, исто така, во нејзина сопственост.
Јован Стојоски пред десетина дена на митингот во Бар (Црна Гора) постави македонски рекорд на 100 метри, со време 10,59 секунди, а во февруари во Будимпешта (Унгарија) го собори националниот рекорд на 400 метри во сала (47,18 секунди) на Исмаил Мачев, што опстојуваше 35 година (47,49 секунди), исто така, истрчан во Будимпешта.