Досегашниот рекорд, исто така во негова сопственост, изнесуваше 7,60 м, а со скокот од 7,79 м тој ја освои четвртата позиција на митингот во Калитеа
АТЛЕТИКА – СКОК ВО ДАЛЕЧИНА
Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски, кој живее и тренира во Данска, постави нов македонски рекорд во скок во далечина, прескокнувајќи седум метри и 79 сантиметри. Тоа на Трајковски му успеа во третата серија на атлетскиот митинг во грчкиот град Калитеа, што е за 19 см подобро остварување од досегашниот македонски рекорд, кој, исто така, беше во негова сопственост, а поставен во 2022 година.
Трајковски ја освои четвртата позиција на овој митинг, првото место со скок од 8,18 метри му припадна на Индиецот Сришинкар, втор беше неговиот сонародник Џејсин Андрин со 7,87 метри, а трет е Австралиецот Џален Рукер, кој прескокна 7,8 метри.
Светскиот рекорд на отворено е во сопственост на Мајк Пауел (8,95 м) поставен во 1991 година, а во женска конкуренција на Русинката Галина Чистјакова (7,52 м) во 1988 година. Светските рекорди во сала ги држат Кубанецот Иван Педросо, (8,62 м) остварен во 1999 година, односно Бритни Рисе, (7,23 м) забележан во 2012 година. Г.И.