Во категоријата шаховски ветерани над 65 години очекувам да бидеме пласирани меѓу првите 10, што, секако, ќе претставува голем успех во оваа конкуренција на 26 екипи, вели капитенот на екипата на Македонија, ИМ Димитар Илиевски. Во категоријата над 50 години ќе настапат екипите Македонија Алкалоид (рангирана четврта пред турнирот) и Македонија, екипа составена од слепи и слабовидни шахисти (рангирана 20-та), а во категоријата над 65 години ќе игра екипата на Македонија (рангирана 12-та)
ШАХ – ВЕЧЕРВА ВО СТРУГА
На екипното Светско првенство (СП) во класичен шах за ветерани, во категориите над 50 и над 65 години, кое денеска (од 20 часот) свечено ќе биде отворено во Струга, Македонија ќе ја претставуваат три екипи.
Во категоријата над 50 години, во која вкупно ќе има 96 шахисти (пријавени се 22 екипи од 17 федерации, со просечен рејтинг 2.155 рејтинг-поени, 26 ВМ, три ЖВМ, 10 ИМ, 4 ЖИМ, 13 ФМ, два ЖФМ) ќе настапат екипите Македонија Алкалоид (рангирана четврта пред турнирот) и Македонија, екипа составена од слепи и слабовидни шахисти (рангирана 20-та). Во категоријата над 65 години, со вкупно 120 шахисти (има 26 екипи од 17 федерации), ќе игра екипата на Македонија (рангирана 12-та).
Во двете категории ќе има по две женски селекции или вкупно четири, кои ќе играат заедно со мажите, но пласманите ќе се сметаат одвоено. Во категоријата над 50 години, најмногубројни се Англичаните, со три машки и една женска екипа, еден тим во женска конкуренција има и Кина, а во категоријата над 65 години, Финците и Германците имаат по три машки екипи, додека Германија и Летонија ќе имаат и по една женска екипа. Прворангиран кај ветераните над 50 години е истакнатиот англиски ВМ Мајкл Адамс (2.685 рејтинг-поени), а кај шахистите над 65 години, исто така, познатиот англиски ВМ и шаховски проблемист Џон Нан (2.569). Се игра на четири табли со една резерва, а вкупниот награден фонд во двете конкуренции е 10.000 евра.
– Во категоријата шаховски ветерани над 65 години очекувам да бидеме пласирани меѓу првите 10, што, секако, ќе претставува голем успех во оваа конкуренција на 26 екипи. Иако има силни велемајстори, сепак треба да играме храбро и борбено во секое коло, без никаков страв, без разлика на противничките шаховски титули. Македонските ветерани се уиграни и јас имам целосна верба во нивните можности на шаховската табла. Тоа го велам и од мое искуство кога јас сум играл со многу познати имиња од светот на шахот – вели капитенот на селекцијата на Македонија, ИМ Димитар Илиевски. Г.И.