ШК Скопје 72 е единствен ветерански клуб на Балканот, па сакаме да ги поттикнеме другите ветерани, прво во Македонија, а потоа и во соседството, да формираат клубови како нашиот, да имаме меѓународни средби и да формираме балканска лига на ветерани, вели капитенот на Скопје 72, Илија Стошевски, по двомечот на гости во Ниш, во кој првиот дуел го доби Скопје 72 со 4,5-1,5, а вториот домаќинот со 5-1
ШАХ
Шаховските ветерани на Ниш и на Скопје 72 одиграа во Ниш (Србија) двокружен меч на шест табли, кој заврши со нерешен резултат 1-1. Мечот беше мошне возбудлив и борбен, се одигра во ШК на слепи, првиот дуел го доби Скопје 72 со 4,5-1,5, а вториот домаќинот со 5-1.
– Ниш отсекогаш бил голем шаховски центар, а нивните шахисти се чести гости на турнирите организирани во Македонија. Тие беа изненадени од нашите реализирани активности, турнири во забрзан шах, првенства на Скопје, соработка со Националната спортска федерација на слепите, со младите шахисти, издавачката дејност, печатењето на билтенот на клубот и сѐ друго што е поврзано со шахот. За овој историски меч за двата града, а на кој патем настапивме ослабени, им помогнавме логистички со печатење на потребните материјали, програма, протокол и беа многу среќни што сме им гости. ФИДЕ-мајсторот Љубомир Биљаниќ се интересираше за нашата работа, како сме формирани, дали сме дел од ШФМ, како издржуваме во ова тешко финансиско време. И нив ги мачат истите проблеми – вели капитенот на Скопје 72, Илија Стошевски.
Стошевски се надева дека во иднина ќе биде формирана и балканска лига.
– Во Европа шаховските ветерани се многу организирани и активни, имаат свое место во општеството, а поддржани се и од институциите. ШК Скопје 72 е единствен ветерански клуб на Балканот, па сакаме да ги поттикнеме другите ветерани, прво во Македонија, а потоа и во соседството, да формираат клубови како нашиот, да имаме меѓународни средби и да формираме балканска лига на ветерани. Едноставно сакаме да се искористи нашето искуство во едукацијата на младите шахисти како шаховски инструктори во шаховските школи и клубови, да им ја всадиме љубовта кон шахот – вели Стошевски.
ПРВ МЕЧ: ИМ Жељко Ѓукиќ (2.083) – ФМ Александар Кралевски (2.048) реми, ИМ Ивица Раичевиќ (2.076) – МК Миле Трајковски (1.949) 0-1, ФМ Горан Терзиќ (2.112) – МК Илија Стошевски (2.015) 0-1, ФМ Дејан Ѓорѓевиќ (2.126) – ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.930) реми, МК Александар Аранѓеловиќ (1.887) – МК Атанас Ташевски (1.958) реми, МК Петар Рољ (1.883) – Душко Сурловски (1.705) 0-1. ВТОР МЕЧ: ФМ Кралевски – ИМ Ѓукиќ реми, МК Трајковски – ИМ Раичевиќ реми, МК Стошевски – ФМ Терзиќ 0-1, МК Ташевски – ФМ Биљаниќ 0-1, Сурловски – МК Аранѓеловиќ 0-1, Бужаровски – МК Рољ 0-1. Г.И.