Дел од оваа шаховска сензација ќе бидат реномирани имиња од светот на шахот, со кои децата и возрасните ќе можат да се сретнат на црно-белата табла, информираат од ШФМ за одбележувањето на јубилејот 100 години од основањето на ФИДЕ, в сабота, во Скопје, настан што е отворен за сите шаховски љубители и случајни минувачи
ШАХ – ШФМ СЕ ВКЛУЧУВА ВО ПРОСЛАВАТА „100 ГОДИНИ ФИДЕ“
Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) се приклучува во одбележувањето на јубилејот 100 години од основањето на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), со настанот в сабота во Градскиот парк во Скопје, на кој ќе присуствуваат истакнати светски шаховски имиња.
– Дел од оваа шаховска сензација ќе бидат реномирани имиња од светот на шахот, со кои децата и возрасните ќе можат да се сретнат на црно-белата табла, како што се истакнатиот велемајстор (ВМ) од Англија и директор за развој на шахот на ФИДЕ, Најџел Шорт, потоа ВМ од Бугарија Антоанета Стефанова, поранешна светска шампионка во шах, селекторот на женската шаховска репрезентација на Бугарија, ВМ Петар Арнаудов, и ВМ Владимир Георгиев, член на македонската репрезентација на неколку шаховски олимпијади и европски првенства – информираат од ШФМ.
Настанот ќе се одржи в сабота, на локацијата „Школка“, во Градскиот парк во Скопје, од 12 до 15 часот. На неколкуте отворени шатори е предвидено да има и повеќе големи постери на истакнати македонски шахисти што ги бранеле боите на македонската репрезентација, како и слики од незаборавната Шаховска олимпијада (ШО) што се одржа во Скопје во 1972 година.
– Придружете ни се на големиот шаховски хепенинг, средба на младите шаховски умови на 100 шаховски табли, одбележувајќи еден век историја, личности и брилијантност. Настанот е отворен за сите шаховски љубители и случајни минувачи во Градскиот парк, кои ќе сакаат да си ги одмерат силите на шаховската табла – велат од ШФМ.
ШФМ е членка на ФИДЕ од 1991 година и досега организира повеќе големи манифестации, како што се турнирите Средба на солидарноста, европски првенства во класичен, забрзан и во брз шах, европски клупски купови (ЕКК), традиционалните турнири „Опен Скопје“ и „Опен Карпош“, Светското екипно првенство за ветерани (над 50 и над 65 години), ШО за слепи и слабовидни шахисти, како и најзначајниот настан ШО во Скопје во 1972 година. На сите овие силни турнири настапиле голем број познати светски шаховски имиња од целиот свет, но и македонски шахисти и шахистки играле на силни турнири и ШО во организација на ФИДЕ.
ФИДЕ е формирана на 20 јуни 1924 година во Париз (Франција), а денешното седиште е во Лозана (Швајцарија). Денес во неа членуваат 203 шаховски федерации. Во 1999 година ФИДЕ беше признаена од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Нејзиното мото е „Сите сме еден род“. Актуелен претседател е Русинот Аркади Дворкович, а заменик-претседател е поранешниот светски шаховски првак, Индиецот Вишванатан Ананд. Г.И.