Триумф на Магла од Сплит, Вардар е четврти. На турнирот учествуваа 13 клуба, со играчи од 12 земји (Македонија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Грција, Турција, Словачка, Унгарија, Англија, Јапонија, Германија и Бугарија)
ВАТЕРПОЛО – ТРЕТ МЕЃУНАРОДЕН МАСТЕРС-ТУРНИР ЗА ВЕТЕРАНИ „13 НОЕМВРИ“
Ватерполистите на хрватскиот клуб Магла од Сплит се победници на третиот по ред меѓународен мастерс-турнир во ватерполо за ветерани (над 30 години), „13 Ноември“, кој во организација на ВК Вардар се одигра во базенот „Карпош“ при СЦ „Борис Траковски“ во Скопје. На турнирот учествуваа 13 клуба, со играчи од 12 земји (Македонија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Грција, Турција, Словачка, Унгарија, Англија, Јапонија, Германија и Бугарија).
Магла дојде до трофејот откако ги совлада во својата група црногорска Бијела (7-4) и сараевски Вучко (7-3), следниот ден во полуфиналето минимално со 5-4 и Вардар, а во финалето беше поуспешна од загрепски Вал со 7-5, но дури по изведувањето пенали. Во регуларниот дел натпреварот заврши 5-5.
– Ветераните максимално се вложија, за да направиме еден турнир на завидно европско ниво, и по квалитет на екипите, но и на организациски план, за што добивме пофални зборови од сите учесници. Затоа многу ни значат оние пофалби што стигнаа од клубовите каде што ватерполото е речиси спорт број еден или два во нивните држави. Сите клубови добија пехари како благодарност за нивното учество, а судиите благодарници, меѓу кои и младиот германски судија што лани судеше на Европското првенство во Рим. Следен турнир на кој ќе настапи Вардар ветерани е во Бања Лука, БиХ, на 17 и 18 ноември, а пионерскиот состав, пак, ќе патува за Сараево, БиХ, каде што ќе има силен турнир со учество на многу клубови од Европа – ни изјави Боро Стефановски, поранешен ватерполист, сега координатор на младите категории во македонското ватерполо, а им помага и на ветераните во овој спорт.
Македонскиот претставник Вардар на годинашниов турнир, кој патем беше најмасовен според бројот на државите од кои доаѓаа играчите, го освои одличното четврто место во оваа силна конкуренција, во која настапија дури шест клуба од Хрватска, која е велесила во овој спорт. Вардар во својата група Б го освои првото место со шест бода, совладувајќи ги словачки Шаморин со 9-0 и хрватски Фелик арба од Раб со 9-3. Во полуфиналето Вардар минимално загуби од победникот на турнирот Магла со 4-5, а во борбата за третата позиција и од Стари ас од Сплит со 1-5.
За најдобар играч на турнирот е прогласен Вишислав Шариќ (ВК Магла), најдобар голман е Крешимир Рајиќ (ВК Стари ас), а најстар играч е Енди Борман, роден во 1957 година, од лондонскиот клуб Енфилд.
Мечевите по групи се играа со времетраење од двапати по осум минути без запирање на времето, дуелите за пласман (11-то, деветто, седмо и петто место), двапати по шест минути, без запирање на времето, а мечевите за третото и за првото место двапати по осум минути со запирање на времето. Г.И.
ТАБЕЛИ ПО ГРУПНАТА ФАЗА
А: Магла 6, Бијела 3, Вучко 0.
Б: Вардар 6, Феликс арба 3, Шаморин 0.
Ц: Вал 6, Галеб 3, Бурса 0.
Д: Стари ас 9, Приморје 3, Ал стар 3, Енфилд 0.
МЕЧЕВИ ЗА ПЛАСМАН
за 11. место: Бурса мастерс – Шаморин 9-2
за 9. место: Вучко – Ол стар 4-5
за 7. место: Приморје – Феликс арба 5-4
за 5. место: Бијела – Галеб 4-1
за 3. место: Вардар – Стари ас 1-5
за 1. место: Магла – Вал 7-5 (п.)
ТАБЕЛА
1. Магла (Сплит, Хрватска)
2. Вал (Загреб, Хрватска)
3. Стари ас (Сплит, Хрватска)
4. Вардар (Скопје, Македонија)
5. Бијела (Бијела, Црна Гора)
6. Галеб (Макарска, Хрватска)
7. Приморје (Риека, Хрватска)
8. Феликс арба (Раб, Хрватска)
9. Ол стар 2023 (играчи од повеќе земји)
10. Вучко (Сараево, БиХ)
11. Бурса мастерс (Бурса, Турција)
12. Шаморин (Шаморин, Словачка)
13. Енфилд (Лондон, Англија)