ГИМНАСТИКА – СП ВО АНТВЕРПЕН

Бајлс стана најтрофејната гимнастичарка во историјата

Американските гимнастичарки, предводени од најдобрата, Симон Бајлс, се закитија со златниот медал во екипниот повеќебој на Светското првенство (СП) во Антверпен (Белгија). На второто место е Бразил, кој во своите редови ја има актуелната светска шампионка во повеќебој Ребека Андрада, а трети се Французинките. На тој начин САД седми пат во низа славеа на светските шампионати.
Притоа Бајлс испиша историја освојувајќи го својот 20-ти златен медал на мундијалите, поставувајќи и рекорд според вкупниот број медали освоени на летни олимписки игри (ЛОИ) и на СП заедно, вкупно 33, со што стана најтрофејна гимнастичарка на сите времиња.
Бајлс, која пред 10 години токму во Антверпен, на возраст од 16 години, го освои својот прв медал на планетарните шампионати, досега беше изедначена со легендарната советска гимнастичарка Лариса Латинина според бројот на медали на ЛОИ и на СП. Латинина уште го држи рекордот според бројот на олимписки медали, 18. Г.И.


ФУДБАЛ – ПО ДВЕ КОЛА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Четири тима без загубен бод, Барселона и без примен гол

Четири екипи имаат максимален ефект по првите две кола на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), Баерн, Реал Мадрид, Манчестер сити и Барселона, а од нив само Барселона е и без примен гол (вкупна гол-разлика 6-0). Од индивидуалните достигнувања во второто коло, Алваро Мората (Атлетико Мадрид) стана третиот шпански фудбалер што стигнал до 25 гола во Лигата на шампионите, по Раул Гонзалес (71 погодок) и Фернандо Мориентес (33), Кристијан Пулишиќ е првиот фудбалер од САД што одиграл 50 натпревари во ЛШ, 18-годишниот Рико Луис имаше една асистенција, 94 отсто прецизност на додавање и беше успешен во сите свои дуели во импресивниот настап на средината на теренот за Манчестер сити, а Ламине Јамал од Барселона (16 години и 83 дена) стана најмладиот фудбалер што почнал натпревар од ЛШ, соборувајќи го рекордот на Селестин Бабајаро (со 16 години и 86 дена настапи за Андерлехт на мечот со Стеауа во ноември 1994 година), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).


ФУДБАЛ

Флуминенсе ќе игра за првата титула на Копа Либертадорес

Бразилскиот Флуминенсе го победи на гости локалниот ривал Интернасионал со 2-1 во средата и се пласира во финалето на Копа Либертадорес, со што ќе игра за својата прва титула на клупското фудбалско првенство на Јужна Америка, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Првиот натпревар помеѓу двата тима заврши нерешено, 2-2, минатата недела на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, каде што ќе се игра финалето, на 4 ноември. Петта година по ред барем еден финалист е од Бразил.
Вториот финалист се решаваше рано утринава, кога во Сао Паоло се сретнаа бразилскиот Палмеирас и аргентинскиот Бока Јуниорс. Првиот натпревар заврши без голови, во Буенос Аирес.


ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА

Вест хем игра и за англиски рекорд

Вест хем вечерва може да го собори рекордот за најмногу европски натпревари без пораз на една англиска екипа, кога ќе игра на гости со Фрајбург (Германија) во второто коло на фудбалската Лига Европа.
„Чеканите“ се во серија од 16 натпревари без пораз, со што се израмнети со сегашниот тим на Манчестер сити, со Лидс од 1960-тите години и со Тотенхем од 1970-тите, пишува „Би-би-си“.
– Не го знаев тоа. Би било големо достигнување ако можеме да го направиме тоа. Да се надеваме дека можеме да продолжиме – изјави менаџерот Дејвид Моес.