На првенството за шахисти ШК Алкалоид има осум бода, но од четири дуели, а второпласираниот во моментов ШК Гамбит има исто толку, но ќе биде слободен во последното коло. На шампионатот за шахистки ШК Алкалоид има 10 бода по пет кола, колку и шахистките на МШК Центар, па директниот дуел во последното 7. коло денеска ќе биде пресуден за титулата

ЕКИПНИ ШАХОВСКИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИЈА

Машкиот и женскиот тим на ШК Алкалоид остварија уште по две нови победи на екипните шаховски првенства на Македонија во Струмица. Викендов машкиот тим имаше уверливи победи против ШК Куманово и ШК Прилеп, два клуба што имаат долга традиција како прволигаши и секогаш се незгодни противници што атакуваат на првите три места во елитната дивизија. Во дуелот со ШК Куманово победата изразена како 5,5-0,5 беше остварена со стрплива игра, која, според капитенот ВМ Влатко Богдановски, била обележје на дуелот.
– Со зрела и стрплива игра играчите дојдоа до позиции што им носат предност. Мечот почна со реми на шестата табла, каде што ВМ Јаќимовиќ во цајтнот не успеа да ја доврши започнатата жртва на најпрецизен начин. Сепак, по четири часа игра следуваа победите на ВМ Ивиќ, ВМ Недев и ИМ Стојановски, а подоцна и ВМ Инѓиќ и ИМ Панчевски ја покажаа својата класа добивајќи ги завршниците, со што беше извојувана висока победа – вели ВМ Богдановски.
Еднакво макотрпен беше трудот на „фармацевтите“ и во дуелот со ШК Прилеп.
– Повторно без одлучена партија во првите три часа, па ВМ Недев ремизира на третата табла во нешто подобра ситуација, но со мали можности да игра на победа. Противниците парираа во остра и неизвесна борба на првите две табли, па победите почнаа да се нижат откако ИМ Тони Лазов прв го скрши отпорот на противникот благодарение на прецизно и постапно маневрирање. Потоа ИМ Филип Панчевски, кој наиде на сериозен отпор и одлична игра на ветеранот Стевче Георгиевски, ја реши партијата благодарение само на една мала непрецизност на противникот во финишот, по што тој западна во проблеми со времето за игра. Еднакво високо техничко ниво демонстрира и ИМ Дејан Стојановски, кој со мала предност влезе во завршница, но во негов стил со прецизна игра стигна до уште една победа.

Во финишот, ВМ Ивиќ донесе уште еден триумф покажувајќи големо тактичко умеење, а на првата табла ВМ Инѓиќ по шест часа игра против жилавата одбрана на противникот западна во цајтнот, но, сепак, успеа да ремизира – додава ВМ Богдановски.
Во другите мечеви од 5. коло, ШК Шкупи – ШК Штајниц 3-3, ШК Гамбит Асеко СЕЕ – ШК Анапсан СЕС 5-1 и ШК Гостивар – ШК Куманово 3-3. Слободен беше тимот на ШК Пелагон. На табелата, ШК Алкалоид има осум бода, но од четири дуели, а второпласираниот во моментов ШК Гамбит има исто толку, но ќе биде слободен во последното коло.
На мечевите во женска конкуренција ситуацијата е слична, каде што „дамите“ прокнижија две победи над ШК Шах шех, со 4-0, и над Гамбит Асеко СЕЕ, со 3,5-0,5. Во првиот случај, ЖФМ Стојковска, ЖИМ Коскоска, ЖФМ Секуловска и Ефтовска забележаа заслужени победи, во вториот меч ВМ Бела Котенашвили и ИМ Саломе Мелиа ги решија првите две табли, Секуловска ремизира, a Ефтовска го прослави роденденот со победа. ШК Алкалоид има 10 бода по пет кола, а со еднаков износ се и шахистките на МШК Центар, па директниот дуел во последното 7. коло денеска ќе биде пресуден за титулата.