Претходно од македонските олимпијци во Париз се натпреваруваа и пливачот Ѓуретановиќ и стрелачката Мојсовска, а претстојат настапите на Рељиќ (таеквондо) и на Егоров (борење) на 8 август и два дена подоцна на Ивановски (атлетика, маратон)

ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ

Македонскиот репрезентативец во џудо, Еди Шерифовски, загуби во првото коло на турнирот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, во категоријата до 81 килограм, во дуелот со Бразилецот Гијреме Шимит, кој е актуелен шампион на Панамериканските игри од 2023 година и трикратен првак на Панамериканското првенство од 2021, 2022 и од годинава.
Претходно од македонските олимпијци во Париз се натпреваруваа и пливачот Никола Ѓуретановиќ и стрелачката Анастасија Мојсовска. До крајот на ЛОИ 2024 треба да настапат и Милијана Рељиќ (таеквондо, категорија до 57 килограми, на 8 август), Владимир Егоров (борење во слободен стил, категорија до 57 килограми, на 8 август) и Дарио Ивановски (атлетика, маратон, на 10 август).
Синоќа на фудбалскиот турнир за мажи на Игрите во Париз беа одредни четвртфиналистите, а по денешните натпревари во кошарка во машка конкуренција ќе бидат познати некои од репрезентациите што ќе се пласираат меѓу осумте најдобри селекции на ЛОИ 2024 во Париз.
Од екипните спортови на програмата денеска се и дуели во баскет, ватерполо, хокеј, одбојка на плажа, бадминтон, ракомет, фудбал, одбојка… За денеска е предвидена распределба на медали во десет спорта, и тоа во триатлон, скокови во вода, веслање, велосипедизам, стрелаштво, џудо, кану-слалом, артистичка гимнастика, мечување и во пливање. Н.М.