Фото: Маја Јаневска-Илиева

За да го одбележиме овој датум, имаме цел да поставиме гинисов рекорд за најмногу одиграни шаховски партии во рок од 24 часа, и онлајн и на табла, велат од ФИДЕ

ЗА ВРЕМЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ШАХОТ

На 20 јули годинава, Меѓународниот ден на шахот, Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ќе ја прослави својата стогодишнина и со обид да се постави гинисов рекорд.
– За да го одбележиме овој датум, имаме цел да поставиме гинисов рекорд за најмногу одиграни шаховски партии во рок од 24 часа, и онлајн и на табла. За таа цел ФИДЕ ги поканува федерациите, шаховските организатори и клубовите да се приклучат кон обидот и да ни помогнат да поставиме нова пресвртница во шаховскиот свет. Бидете дел од најголемиот шаховски ден на сите времиња. Можете да учествувате во обидот за Гинисовата книга на рекорди од кој било агол на светот – пишува ФИДЕ.
Условите за турнири, во обидот за гинисов рекорд, се дека тие треба да се одржат помеѓу 20 јули (на полноќ) и 21 јули 2024 (на полноќ), да бидат надгледувани од судија, лиценциран од ФИДЕ, регистриран на официјалната интернет-страница на обидот за гинисов рекорд пред 15 јули, турнирите да се играат по швајцарски систем, со најмалку одиграни 15 потези, партиите да бидат со време од најмалку три минути, плус две секунди по секој потег или пет минути за партија без зголемување на времето, максималното времетраење е осум часа, сите партии треба да почнат и да завршат во предвидените 24 часа, за да можат да се избројат, по што супервизорот на настанот, судија лиценциран од ФИДЕ, треба да го потврди бројот на одиграни партии, да ѝ достави на ФИДЕ стандардна датотека и да потпише протокол со кој се потврдува бројот на одиграните партии.
– Запознаени сме со оваа убава иницијатива на ФИДЕ. На првиот состанок на УО, Шаховската федерација на Македонија ќе го разгледа ова прашање и сигурно ќе учествува на овој светски шаховски настан со организирање еден или повеќе блиц-турнири во Македонија – информираат од Шаховската федерација на Македонија.
Регистрацијата на турнирите што ќе учествуваат во овој обид за поставување гинисов светски рекорди е достапна преку официјалната страница за гинисов светски рекорд (ФИДЕ). Краен рок за пријавување е 15 јули годинава. Г.И.


За Гинисовата книга на рекорди

Гинисовите светски рекорди, првично познати како Гинисова книга на рекорди, се појавија како дефинитивен авторитет за поставување рекорди, кои произлегуваат од идејата за решавање на споровите со книга со факти.
Денес таа стои како глобален бренд, со канцеларии во Лондон, Њујорк, Пекинг, Токио и во Дубаи, заедно со мрежата на амбасадори на брендови низ светот.
Мисија се протега надвор од страниците на нејзината книга, која сега опфаќа ТВ-емисии, социјални медиуми и настани во живо, сите насочени кон документирање на извонредното достигнување.