ШАХ
Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и репрезентативец Емил Ристески (2.368, рангиран 36-ти пред почетокот на турнирот) почна со победа на меѓународниот шаховски турнир „Опен Грац 2025“ во Австрија. Младиот и амбициозен Ристески (20), кој настапува на А-турнирот во првото коло со црни фигури, го победи индискиот претставник Вадхаван Есшан (2.098, рангиран на 148-то место).
Ристески, кој е ИМ од јули 2023 година, кога ја исполни и третата норма на турнирот во Тенерифе (Шпанија), во второто коло, играно вчера, со бели фигури за противник го имаше ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Хрватска, Даворин Бубаловиќ (2.178, рангиран 109-ти).
Турнирот се игра во девет кола со класично темпо на игра, во конкуренција на 226 шахисти од 43 земји (11 ВМ, три ЖВМ, 27 ИМ, девет ЖИМ, 45 ФМ, 10 ЖФМ). Прворангиран на турнирот е велемајсторот (ВМ) од Словачка Јергус Пехач (2.603), кој е единствениот шахист со рејтинг поголем од 2.600 поени. Г.И.