Скијачките на патеката ќе излезат денеска во 10 часот (втората трка е три часа подоцна), а скијачите во истиот термин утре. Во 58-та сезона, во која ќе има 90 трки, во 14 земји, титулите ги бранат Шифрин и Одермат, кои лани поставија нови рекорди, за вкупно најмногу победи во Светскиот куп, односно за најмногу освоени поени во една сезона за мажи
АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Светскиот куп (СК) во алпско скијање се враќа на сцената и 30-та година по ред женскиот и машкиот велеслалом почнуваат во познатиот австриски скијачки центар Зелден, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Скијачките на патеката ќе излезат денеска во 10 часот (втората трка е три часа подоцна), а скијачите во истиот термин утре. Во 58-та сезона, титулите од 2023 година ги бранат Микаела Шифрин (САД, досега освои вкупно пет титули, славеше и во 2017, 2018, 2019 и во 2022 година) и Марко Одермат (Швајцарија, беше шампион и во 2022 година). По нивните рекордни подвизи во минатата сезона, двајцата се мотивирани како и секогаш.
– Тешко, речиси невозможно да се повтори. Претпоставувам дека ланската сезона беше совршена, секоја трка работеше речиси онака како што сакав, така што ќе биде речиси невозможно да се надмине, но ќе се обидам да ја направам добра како минатата година – рече Одермат за својата одлична сезона 2022/2023, во која го постави рекордот за мажи од 2.042 поени, а истовремено ги освои титулите и во велеслалом и супервелеслалом, пишува ФИС.
За Шифрин, која лани го собори рекордот за најмногу победи во СК (сега има 88, две повеќе од дотогашниот вкупен рекордер, Швеѓанецот Ингемар Стенмарк), има уште повеќе цели што треба да се достигнат, пишува ФИС.
– Во однос на мотивацијата, не би рекла дека нешто е сменето. Не тргнав да го стигнам рекордот и тогаш тоа се случи минатата година, и сите се прашуваа дали ќе ја изгубам мотивацијата, но јас си мислев: „Зошто да ја изгубам мотивацијата откако ќе постигнам нешто што никогаш вистински не сум го зацртала да го постигнам?“ – рече Шифрин.
Таа продолжува да цели кон освојување на титулите, што ѝ овозможува да ја ресетира својата мотивација секоја сезона, особено сезонава, бидејќи може да го израмни рекордот за скијачки на Анемари Мозер-Прел (Австрија) од шест големи кристални глобуси, поставен во сезоната 1978/79.
– Таа е пионерка во скијачките трки и би рекла дека ако успеам да го достигнам тоа, или шесте титули, тоа ќе биде веројатно најголемото достигнување во мојата кариера – рече Шифрин, пренесе ФИС.
Сезонава, во која вкупно ќе има 90 трки, во 14 земји, и во текот на која нема голем настан (светско првенство или зимски олимписки игри), треба да заврши во март, во австрискиот Залбах, каде што во 2025 година треба да се одржи Светското првенство. Н.М.
НАЈМНОГУ ТИТУЛИ ВО СК
МАЖИ
Марсел Хиршер (Авс.) 8
Марк Џирардели (Лук.) 5
Густав Тени (Ита.) 4
Пирмин Цурбриген (Шва.) 4
Херман Маер (Авс.) 4
ЖЕНИ
Анемари Мозер-Прел (Авс.) 6
Микаела Шифрин (САД) 5
Линдзи Вон (САД) 4
ШАМПИОНИ ВО ПЕТ ПРЕТХОДНИ СЕЗОНИ
ГОД. МАЖИ ЖЕНИ
2019 Марсел Хиршер (Авс.) Микаела Шифрин (САД)
2020 Александер Омот Килде (Нор.) Федерика Брињоне (Ита.)
2021 Алексис Пинтуро (Фра.) Петра Влхова (Свк.)
2022 Марко Одермат (Шва.) Микаела Шифрин (САД)
2023 Марко Одермат (Шва.) Микаела Шифрин (САД)