Податоците покажуваат дека потрошувачката на антидепресиви се зголемува од година на година во европските земји

Додека светот се бори со кризата со психичкото здравје, во Европа повеќе од двојно се зголеми употребата на антидепресиви во изминатите 20 години, пишува Сервет Јанатма за „Јуроњуз“

Статистика за употреба на антидепресиви во европските земји

Глобалната потрошувачка на антидепресиви драстично се зголеми во последните две децении, а Европејците се најголеми потрошувачи. Употребата на антидепресиви се зголемила за речиси два и пол пати од 2000 до 2020 година во 18 европски земји, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Податоците на ОЕЦД покажуваат и драматично зголемување на анксиозноста и депресијата за време на пандемијата. Просечната потрошувачка на антидепресиви во 18 европски земји беше 30,5 пропишани дневни дози (ДДД) на 1.000 луѓе на ден во 2000 година, а се искачи на 75,3 ДДД во 2020 година, што претставува зголемување од 147 отсто.
Чешка забележа најголем пораст на потрошувачката со 577 отсто, додека во Франција се зголеми за само 38 отсто, што ја прави најниската промена во овие земји помеѓу 2000 и 2020 година. Потрошувачката порасна за 304 отсто во Португалија, 256 отсто во Велика Британија, 208 отсто во Шпанија и 200 отсто во Германија во истиот период. Подетален поглед на пет избрани земји, како Франција, Германија, Португалија, Шпанија и Шведска, во текот на 20 години покажува како употребата на антидепресиви варира. Иако зголемувањето е многу ниско во Франција, особено во последните 15 години, во Португалија се зголеми во последните две децении. Податоците, исто така, покажуваат како потрошувачката на антидепресиви се зголемува од година на година во европските земји. Во 14 од 18 земји, употребата на антидепресиви е повеќе од двојно зголемена.

Држави со најголема потрошувачка на антидепресиви

Гледајќи ги промените во последната деценија, постојат податоци за 24 европски земји. Во 2020 година, потрошувачката на антидепресиви на 1.000 луѓе дневно варирала од 20 ДДД во Летонија до 153 ДДД во Исланд. Потоа следуваат Португалија (131 ДДД), Велика Британија (108 ДДД во 2017 година), Шведска (105 ДДД) и Шпанија (87 ДДД). Во 2020 година, просечната употреба во овие 24 земји беше 68 ДДД. Најголемите три земји по население, имено Турција (49 ДДД), Франција (55 ДДД) и Германија (62 ДДД), забележаа потпросечна употреба.
Податоците за европските земји не сугерираат дека колку луѓето се посреќни, толку помалку консумираат антидепресиви. Исланд, кој беше втора најсреќна земја во светот во 2020 година според Светскиот извештај за среќа, има најголема потрошувачка на антидепресиви во Европа. Шведска, која е рангирана на шестото место во извештајот за среќа, има четврта најголема употреба на антидепресиви со 105 ДДД. Финците, кои беа најсреќната нација според извештајот, користеа 82 ДДД. Летонија, која има најмала потрошувачка со 20 ДДД, се најде на 34-то место во светскиот извештај за среќа. Унгарија, која ја следи Летонија со 30 ДДД, се најде на 43-то место на листата за среќа.
Потрошувачката на антидепресиви се зголеми за 36,5 отсто помеѓу 2010 и 2020 година во 24 европски земји со просечна дневна употреба од 49,8 на 68 ДДД. Данска е единствената земја што забележа намалување на употребата на антидепресиви во последната деценија со пад од четири отсто. Естонија забележа најголем пораст со 133 отсто, додека потрошувачката се зголеми само за два отсто во Франција. Во Велика Британија се удвои, а во Турција се зголеми за 50 отсто.

Колку се троши на антидепресивите?

Трошоците за употреба на антидепресивите се товар за граѓаните и нивните земји. Во 2020 година, Германија потроши 783 милиони евра на антидепресиви. Шпанија со 626 милиони евра и Италија со 440 милиони евра се другите водечки земји за трошење антидепресиви. Односот на трошење на антидепресиви и вкупната продажба на фармацевтски производи сугерира дека тоа е значителен трошок во некои земји. Во 2020 година, антидепресивите учествуваа со четири отсто од фармацевтската продажба во Португалија, споредено со 2,7 отсто во Шпанија, 2,2 отсто во Австрија, 1,9 отсто во Турција и 1,4 отсто во Германија.
Нема официјални споредливи податоци за уделот на луѓе што пријавиле дека имаат хронична депресија или се консултирале со психолог, психотерапевт или психијатар. Сепак, резултатите од истражувањето објавени од „Евростат“ даваат одредени сознанија. Во 2019 година, „Евростат“ откри дека 7,2 отсто од граѓаните на ЕУ изјавиле дека имаат хронична депресија, што е само мало зголемување во споредба со 2014 година (+0,3 отсто). Во 2019 година, меѓу земјите на ЕУ, Португалија (12,2 отсто) имаше најголем удел во популацијата што пријавила хронична депресија, проследена со Шведска (11,7 отсто), Германија и Хрватска (и двете по 11,6 отсто).
Уделот на луѓе што пријавиле хронична депресија е најмал во Романија (1,0 отсто), Бугарија (2,7 отсто) и Малта (3,5 отсто). Интересно е што првите две земји Исланд (15,6 проценти) и Португалија (12,2 проценти) во пријавувањето хронична депресија, исто така, имаа најголема потрошувачка на антидепресиви, секоја со 153 и 131 ДДД во 2020 година.

Влијанието на пандемијата врз психичкото здравје

Неодамнешните истражувања објавени од ОЕЦД покажаа дека менталното здравје значително се влоши од почетокот на пандемијата. Од март 2020 година наваму, преваленцата на анксиозност и депресија се зголеми во 15 избрани земји на ОЕЦД, вклучувајќи и неколку европски. Преваленцата на анксиозност на почетокот на 2020 година беше двојно или повеќе од двојно зголемена во претходните години во Белгија, Франција, Италија, Мексико, Нов Зеланд, Велика Британија и САД. Преваленцата на депресија на почетокот на 2020 година исто така беше двојно или поголема од двојно зголемена во претходните години во Мексико, Австралија, Белгија, Канада, Франција, Чешка, Шведска, Велика Британија и САД. Меѓутоа, бидејќи методите на истражување се разликуваат помеѓу студиите, не е можно да се понудат какви било споредби меѓу земјите.

Зошто се зголемува потрошувачката на антидепресиви?

Постојат голем број потенцијални објаснувања за овој пораст во последните две децении. Истражувачите што ги проучувале влијанијата врз трендовите на пропишување антидепресиви во Велика Британија помеѓу 1995 и 2011 година, сугерираат дека зголемувањето може да се припише на подобреното препознавање на депресијата, достапноста на нови лекови, промените во ставовите на пациентите/матичните лекари, достапноста на терапии, развојот на клинички упатства и проширување на опсегот на индикации третирани со антидепресиви.