Фото: Игор Бансколиев

Бројот на наставниците што посетиле обука постојано расте. „ШФМ останува отворена за соработка за сите што сакаат да ни се придружат и да ја промовираат нашата мисија шахот да допре до секое дете, затоа што придобивките од шахот се повеќекратни, а шахот не само што е корисен туку е и забавен за децата. Досега имаме обучено повеќе од 450 наставници, а треба да се обучат уште во регионот на Кавадарци, Гевгелија и Струмица. Но не застануваме тука, туку подготвуваме и ’Курс 2‘“, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

Бројот на наставниците од територијата на градот Скопје што посетиле обука за одржување на часот по шах и понатаму се зголемува, што може само да радува. Како што велат од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), неодамна биле одржани обуки за наставници од училиштата од општините Ѓорче Петров и Карпош, со стотина присутни наставници.
– ШФМ останува отворена за соработка за сите што сакаат да ни се придружат и да ја промовираат нашата мисија шахот да допре до секое дете, затоа што придобивките од шахот се повеќекратни, а шахот не само што е корисен туку е и забавен за децата, кои, пак, со нетрпение го очекуваат. Се надеваме дека бројот на училиштата во кои ќе се одржуваат часовите по шах сѐ повеќе ќе се зголемува – информираат од ШФМ.
Успешно продолжува соработката со училиштата и имплементирањето на шахот како изборен предмет во основните училишта.
– Имаме одличен одзив засега од обуката на наставниците. Се надевам дека голем дел од нив ќе почнат уште ова полугодие, а другите од септември. Досега имаме обучено повеќе од 450 наставници, а треба да се обучат уште во регионот на Кавадарци, Гевгелија и Струмица. Но не застануваме тука, туку подготвуваме и „Курс 2“, така што нашата приказна и овој зацртан проект продолжуваат со несмалено темпо. Се надеваме дека бројот на училишта во кои ќе се имплементира шахот како наставен предмет и активно ќе се изучува сѐ повеќе ќе се зголемува – вели членот на Управниот одбор на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Во одредени училишта веќе се одвиваат часовите по предметот Шах.
– Од ова полугодие почнаа часовите по шах во прво одделение во основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ од Скопје. Со последната обука на која учествуваа две групи, со по петнаесетина наставнички од ОУ,,Киро Глигоров“, Општина Центар се истакнува како лидер во проектот за имплементирање на шахот во училиштата. По првичните одлични оценки од неколкуте одделенија во кои веќе се почна со наставата по шах, истата таа ќе се имплементира и на ниво на сите одделенија од прво до петто. Исто така, и во ОУ „Ѓорѓи Пулевски“ во Аеродром има три наставнички што веќе работат, а и во Драчево и во Општина Кисела Вода – вели Стојчевски. Г.И.