Фото: Фејсбук/ОМО Илинден - Пирин

Очигледно, амбициите на градоначалникот на Благоевград се нешто повисоки од оние што ги носат неговата положба и овластувања, па со своите изјави во јавноста ги надминува надлежностите со кои располага. Можеби во целата ситуација најдобро е да ја почека пресудата на правосудните органи, па дури потоа да планира какви мерки тој ќе презема кон сторителите. Според познавачите на правните процедури, судот, во зависност од изречената казна, може директно да го задолжи градоначалникот да преземе постапки во рамките на законот и пресудата. Наложените обврски кон градоначалникот од страна на судот можеби ќе бидат спротивни на неговата волја, но законот си е закон и пресудата е пресуда. Според правните експерти, градоначалникот на Општина Благоевград, Илко Стојанов, со намера или не, со својата изјава во јавноста „прави притисок врз судот, пред донесувањето каква било одлука во врска со осомничените за каменувањето на македонскиот културен клуб“, со што непотребно презентира во јавноста „политичка интенција да ја дерогира пресудата на правосудните органи“. А токму тоа е удар на правната држава и на владеењето на правото!

Бугарската полиција експресно го реши случајот со каменувањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград во саботата вечерта. Приведени се четири лица, двајца мажи и две жени, на возраст од околу 40 години, кои немаат претходно криминално досие. Според истражните органи, во текот на постапката извршителите и самите го признале делото за кое се товарат. Идентификуваните мажи сторители на делото се вработени во општинското комунално претпријатие „Озеленување“, додека двете жени лишени од слобода заедно со нив се нивни сопруги.
Од македонското МВР посочуваат дека веста за приведувањето ја потврдиле нивните бугарски колеги, поточно за епилогот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бил информиран од неговиот бугарски колега Иван Демерџиев. Ваквата комуникација е резултат на иницијативата за расчистување на случајот што ја повел токму Спасовски, а ја прифатил и реализирал Демерџиев.
Со тоа, бугарската полиција ја заврши својата работа и сега санкционирањето на извршителите на делото е во надлежност на судот.

Политичкото замешателство на градоначалникот на Благоевград само ќе ја дерогира правната процедура

Во целата оваа ситуација се јави градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, кој даде интересна изјава за медиумите.
– Ако се докаже вината на општинските службеници, ќе го применам принципот на реципроцитет на казните. Тоа значи дека ќе ги казнам оние што се вработени во Општина Благоевград, со истата казна сo која ќе бидат казнети цариниците, граничната полиција и другите функционери во Македонија, кои предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари – изјави Стојанов.
Очигледно, амбициите на градоначалникот на Благоевград се нешто повисоки од оние што ги носат неговата положба и овластувања, па со своите изјави во јавноста ги надминува надлежностите со кои располага. Можеби во целата ситуација најдобро е да го почека резултатот од процедурата на правосудните органи во врска со стореното дело, па дури потоа да планира какви мерки ќе презема кон сторителите. Според познавачите на правните процедури, судот, во зависност од изречената казна, може да го задолжи градоначалникот да преземе постапки во рамките на законот и пресудата. Тоа, можеби, на градоначалникот нема да му се допадне и ќе биде спротивно на неговата волја, но законот си е закон и пресудата е пресуда. Вака, градоначалникот на Општина Благоевград, Илко Стојанов, со намера или не, според правните експерти, со својата изјава „прави притисок врз судот, пред донесувањето каква било одлука во врска со осомничените за каменувањето на македонскиот културен клуб“, со што непотребно презентира во јавноста политичка интенција да ја дерогира пресудата на правосудните органи. Со тоа, како што истакнуваат нашите соговорници, прави двојна штета: и кон владеењето на правото во својата држава, а и кон дополнително разгорување на меѓудржавните односи, кои во последно време се исклучително усложнети.
Нападот врз македонскиот клуб во Благоевград се случи еден ден по одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Одбележувањето помина под силно полициско обезбедување, но во мирна атмосфера. Сепак, тензично, беше на граничниот премин Деве Баир, кога бугарски државјани што сакале да присуствуваат на одбележувањето на роденденот на Делчев во Скопје не беа пуштени да влезат на македонска територија поради пад на граничниот систем за контрола.
Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир и недолично однесување со полициските службеници на Деве Баир. На тројцата им беше изречена и парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години. Н.М.