ФИФА треба да ја донесе одлуката за домаќин на СП 2030 в година. Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај ја објавија својата заедничка кандидатура, а ако ја добијат организацијата, планот е првиот меч на СП 2030 да се игра во Буенос Аирес, а финалето, како и 100 години пред тоа, во Монтевидео

ФУДБАЛ

Членовите на јужноамериканската кандидатура за организација на фудбалското Светско првенство (СП) во 2030 година, на стогодишнината од првиот Мундијал, сакаат првиот натпревар на СП 2030 да се игра во Буенос Аирес (Аргентина), а финалето во Монтевидео (Уругвај), каде што Уругвај победи на првото издание на турнирот, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Владините и фудбалските претставници што ја претставуваат заедничката кандидатура на Аргентина, Чиле, Парагвај и на Уругвај го одржаа својот прв состанок на организацискиот комитет. Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез рече и дека сака да ја додаде Боливија во групата кандидати, пишува АП.
Алехандро Домингез, претседателот на јужноамериканското фудбалско тело (КОНМЕБОЛ), ги истакна историските врски. Уругвај беше домаќин на првото СП во 1930 година и ја освои првата титула победувајќи ја Аргентина со 4-2 во финалето.
– Светската фудбалска федерација има обврска да го почитува споменот на оние што дојдоа пред нас и го направија првото Светско првенство. На крајот, победуваат оние што го сакаат тоа повеќе. И во тоа Аргентина и сите наши земји имаат традиција – рече тој, пренесе АП.
Светската фудбалска федерација треба да ја донесе одлуката за домаќин на СП 2030 во 2024 година, две години пред следното издание на светските првенства, што треба да се одржи во САД, Мексико и во Канада, првпат со 48 репрезентации. Н.М.