ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ НА СТРУМИЦА

Во чест на празникот на Струмица, 11 Декември, градоначалникот Костадин Костадинов, на пригодна свеченост им додели благодарници на истакнати личности што го афирмираа градот во повеќе области. Годинава спортски лауреати беа кошаркарот Владо Илиевски, кој остави голема трага во македонската кошарка, и новинарот-хроничар Иван Станоев, кој повеќе од 70 години го овековечува струмичкиот спорт.
Владо Илиевски беше еден од клучните играчи на македонската репрезентација што на Европското првенство во Литванија во 2011 година се пласира на 4-то место, што претставува најголем репрезентативен успех на нашиот национален кошаркарски тим. Тој почетоците како кошаркар ги имаше во родната Струмица, потоа настапуваше и за други македонски прволигаши, а имаше и богата меѓународна кариера.
Иван Станоев како новинар даде голем придонес за афирмацијата на струмичкиот спорт. Тој долги години беше дописник на „Нова Македонија“, а по негова иницијатива во Струмица се отвори првиот дописен центар на првиот македонски весник. Во текот на кариерата не само што беше постојан дописник на „Нова Македонија“ туку тој известуваше и за еден од најтиражните весници во поранешна Југославија, загрепски „Спортске новости“. Неговите написи особено беа читани во периодот кога ФК Беласица се натпреваруваше во Втората фудбалска, а ОК Струмица во Втората југословенска одбојкарска лига. Иван Станоев е автор и на повеќе монографии посветени на ФК Беласица и на ФК Тиверија. Годинава, по повод 100-годишнината на Беласица, тој ја издаде третата монографија за струмичкиот фудбалски бренд, откако тоа го стори за 60 и 95-годишнината на клубот, а наедно со Иван Василевски и Ацо Манински во 2004 година ја издадоа монографијата посветена на голманската легенда Благој Истатов. Во 2012 година, пак, Иван Станоев ја издаде книгата „Струмички спортски столетник“, кој говори за богатиот спортски живот во градот и за многу бројните актери во сите спортови. Нема сомнение дека со сето она што го стори досега, како хроничар на струмичкиот спорт, Иван Станоев е вистинска новинарска легенда. З.М.