ОДБОЈКА – ЕП ЗА ЖЕНИ (ДО 19) ВО СКОПЈЕ

Пораз на македонската женска одбојкарска репрезентација (до 19 години) од соодветната селекција на Финска, со 0-3 (10-25, 19-25 и 20-25), на првиот натпревар од групата 1, на Европското првенство (ЕП) што се одржува во Скопје. Ваквиот исход се очекуваше со оглед на тоа дека македонските одбојкарки за првпат играат на еден ваков силен турнир.
Македонија синоќа требаше да игра со Словенија, а вечерва треба да се сретне со Грција. Дуелот се игра во салата „Борис Трајковски“, со почеток во 20.30 часот. Утре е слободен ден, в среда македонските одбојкарки играат против Италија, а в четврток со Полска.
Двете најдобри репрезентации од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето и ќе се борат за титулата. Трето и четвртопласираните селекции од двете групи ќе разигруваат за пласман од петтото до осмото место. Бранител на титулата од последното ЕП е Турција.

Л.Д.