Антон Златков

Во седмото коло, втори поединечни победи забележаа Велески и Велкоски, Златков првпат ремизира, додека Николовски и Табаковски загубија

ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Петтемина македонски претставници постигнаа половичен успех во седмото коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП), кое се одржува во Врњачка Бања (Србија), освојувајќи вкупно 2,5 поени, колку што освоија и во третото коло истите шахисти, што, пак, е најдобар збирен резултат за Македонците во едно натпреварувачко коло досега. Втори победи забележаа ФМ Роберт Велески (2.106, рангиран 393-ти на ЕП) против Србинот Стефан Митровиќ (1.859, 460-ти) и Стојан Велкоски (1.868, 455-ти) против повисокорангираниот српски шахист Драган Петровиќ (2.141, 372.). Своето прво реми го впиша Антон Златков (2.174, 455-ти) во партијата со Бугаринот Боил Банов (2.016, 426-ти), додека Давид Николовски (1.860, 458.) и Дино Табаковски (1.692, 477.) се поразени. Првиот од Милош Модриќ (2.002, 429-ти), а вториот од Стефан Јањиќ (2.115, 390-ти) и двајцата од Србија.
На четири кола до крајот, Златков е 369-ти, Велкоски е 389-ти (плус 75,6 р.п.), а Велески е 414-ти, сите тројца со по 2,5 освоени поени. Табаковски е 459-ти (плус 35,6 р.п.) со 1,5 поен, додека Николовски е 479-ти со половина поен, во силна конкуренција на 484 шахисти, од кои 40 шахистки (126 ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави.
Лидерската позиција со 6,5 поени и понатаму ја задржа Украинецот Антон Коробов (2.658, рангиран 18-ти), кој на првата табла го победи Гркот Стаматис Коуркоулос (2.520, 101.). Најблиску до него со половина поен помалку е Унгарецот Бенјамин Гледура (2.637, 23-ти), а дури 13 шахисти имаат по 5,5 поени. Во ова коло белите фигури славеа во 86 партии, црните во 65, додека 87 дуели завршија без победник. Г.И.