Македонија својата шанса за прва победа ќе ја бара в петок против Азербејџан и в сабота против Белгија
ОДБОЈКА – ПО ДВАТА ПОРАЗА ВО ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА
Машката одбојкарската репрезентација на Македонија, предводена од новиот селектор Хари Наковски, стартуваше со два пораза во годинашното издание на Европската златна лига. Црвено-жолтите немаа сили да направат изненадување пред своите навивачи во Струмица и доживеаја два пораза. Во првото коло од Естонија со 1-3 во сетови (23-25, 25-14, 19-25, 22-25), а потоа и од посилната Чешка со 0-3 во сетови (16-25, 15-25, 16-25). На првиот меч, најдобар играч во македонските редови беше Никола Ѓоргиев со 19 поени, додека два помалку реализира Стојан Илиев. И на вториот меч Ѓоргиев беше најефикасен со 14 поени, Илиев постигна шест, а Филип Савовски четири.
Македонија својата нова шанса за прва победа во ова натпреварување ќе ја бара во белгискиот град Беверен, в петок (17.30 ч.) против Азербејџан, кој исто така ги загуби првите два меча, и в сабота (15 ч.) против Белгија. За разлика од Македонија, Азербејџан, заедно со Луксембург, е на дното на табелата без освоен сет. На третиот турнир во Хрватска, црвено-жолтите ќе играат со домашната селекција на 31 мај и со Шпанија на 1 јуни.
Овие настапи за Македонија наедно претставуваат и подготовки за четвртиот пласман во низа на европските првенства, за квалификациите за изданието во 2026 година. На претходното ЕП Македонија го оствари најголемиот успех, со пласманот во осминафиналето. Г.И.