Ќе има промени на скокалниците, нов бодовен систем, натпреварувања, зголемен награден фонд…

Светскиот куп (СК) во скијачки скокови почнува денеска, порано од кога било досега, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Во Висла (Полска) првпат (а вкупно ќе има четири такви натпревари) скијачите скокачи во натпревар од Светскиот куп, наместо на снег, ќе доскокнуваат на синтетичка подлога. Ова ќе биде и најдолгата сезона на Светскиот куп во историјата на скијачките скокови.
Титулите лани ги освоија Рјоју Кобајаши од Јапонија (негова втора титула, претходно во 2019 година, а ќе има шанса да стане првиот со две титули во низа по 18 години пауза, по триумфите на Јане Ахонен во 2004 и 2005 година) и Ника Крижнар од Словенија. За сезонава е зголемен и наградниот фонд, за 10 отсто, модифициран е бодовниот систем (повеќе поени за ветер во грб), скијачките првпат ќе се натпреваруваат во скијачки летови.
Тоа ќе биде и прва сезона во СК во скијачки скокови по 14 години пауза со натпревари на три континенти. Сезонава ќе има натпревари во Европа, Азија и во Северна Америка. Воведено е и ново тимско натпреварување, па сите земји-учеснички ќе можат да формираат тимови со по двајца скијачи скокачи (досега по четворица). Сезонава ќе биде прекината во февруари, кога треба да се одржи Светското првенство во нордиски дисциплини, на Планица (Словенија).
Почетокот во Висла е првиот натпревар во Светскиот куп во скијачки скокови за жени во Полска. Натпреварите ќе се одвиваат на скокалницата „Адам Малиш“. Од годинава Адам Малиш, по кого е именувана скокалницата во Висла, е и претседател на Полската скијачка асоцијација, пишува ФИС.