Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, на вчерашната свечена церемонија им додели „Медал за заслуги“ на петмина македонски спортисти и спортски работници
Честа да го добијат ова големото признание ја имаа легендарниот македонски кошаркарски тренер Лазар Лечиќ; некогашниот врвен одбојкар, а сега спортски директор на МОК, Владимир Богоевски; поранешниот селектор на боречката репрезентација на Македонија, Насе Насев; актуелниот претседател на Македонската таекводно-федерација и селектор, Борче Костовски; додека постхумно беше одликуван и освојувачот на олимписки медал со поранешна СФР Југославија, кошаркарот Благоја Георгиевски-Буштур.
– Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти, кои во индивидуалните и колективните спортови остваруваа и остваруваат врвни резултати. Претходно веќе имав можност на некои од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија. Сега уште пет наши спортисти, спортски работници, тренери и селектори, кои стојат зад успесите на спортистите, ќе добијат „Медал за заслуги’“, рече Пендаровски во своето обраќање, притоа осврнувајќи се поединечно на придонесите на секој од петтемина македонски спортски великани.
Плакетата во име на починатиот Георгиевски, кој пред неколку години трагично го изгуби животот во сообраќајна несреќа, ја прими неговиот син Борјан, додека наместо Лечиќ, поради неговите здравствени проблеми, наградата ја прими неговиот внук Андреј Лечиќ-Апостолски. Членови на семејствата ги добија наградите за Богоевски и за Насев, додека лично ја прими само Костовски. Г.И.