Фото: МИА

Ќе има и ќе најдеме начин да го организираме Охридскиот пливачки маратон, порача градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Пецаков информира дека со помош на Агенцијата за млади и спорт, која ќе го покрие наградниот фонд од 10.000 евра, како и со помош од други спонзори, Охридскиот маратон сепак ќе се одржи.

– Охридскиот маратон не е само спортска манифестација тој е многу повеќе од тоа, тој е чувство вкоренето во секој охриѓанец. Радосен сум бидејќи Охридски пливачки маратон ќе има, иако пред нас излегоа пречки. По вчерашниот координативен состанок на сите засегнати страни, откако заврши состанокот се донесоа следните заклучоци: Наградниот фонд ќе биде покриен од Агенцијата за млади и спорт, а за сите останати трошоци поврзани со одржувањето на маратонот, Советот на Општина Охрид ќе донесе одлука за доделување на два милиони денари од страна на Општината – изјави Пецаков.

Тој најави дека ги известиле пливачите за условите што ќе бидат обезбедени од нивна страна, но и за условите од самото пристигнување во Охрид и добиваат позитивни одговори.

Пецаков соопшти дека сè уште нема официјална бројка на пливачи кои ќе учествуваат, но дека засега се околу 20.

Тој најави дека од следната година ќе биде овозможена уште поголема поддршка за овој настан и дека доколку заинтересираноста од спонзорите остане иста, маратонот ќе функционира без да зависи од државна или општинска поддршка.

Директорот на АМС, Мојсовски, изрази надеж дека во иднина нема да има вакви проблеми и најави дека Агенцијата ќе бара одговорност од Пливачката федерација.

Мојсовски рече дека ќе бара одговорност од сите и оти Финансиска полиција веќе е „влезена“ во Пливачката федерација.

– Веќе се бараат одговорности и за претходниот претседател Александар Маленко. Имало пријава од пред околу 15 дена од хотел „Метропол“ од минатата година, што не платил – истакна Мојсовски.

На новинарско прашање дали при вчерашната посетата на Струга и присуството на Струшкиот ракометен турнир на претседателот на државата Стево Пендаровски, побарал средба со него охридскиот градоначалник Пецаков даде негативен одговор.

Мојсовски од своја страна појасни дека шефот на државата присуствувал на турнирот во Струга на негова покана „за да разговараат за Охридскиот пливачки маратон“ и дека претседателот Пендаровски „застанува зад маратонот“.

– Овие проблеми не се од сега и се од поодамна. Не знаеме колку точно е трошокот на овој маратон. Јас имав уште пред 10 дена средба со Пливачката федерација и тие истакнаа некои цифри, да кажам, извадени од ракав – порача Мојсовски.

Тој најави дека оваа година Маратонот ќе се одржи „малку подоцна“ од вообичаеното поради тоа што повеќето пливачи се на Европско првенство во Италија, потоа ќе учествуваат и на маратонот во Капри.

Претходно, Кабинетот на претседателот соопшти дека донел одлука маратонот, кој традиционално се одржува под покровителство на шефот на државата, да не се одржи, а како причина за тоа беа наведени „блокираната сметка на Федерацијата и финансиското работење на претходното раководство“.

Претседателот на државата Стево Пендаровски очекува одговорност и истрага во однос на случувањата во Пливачката федерација на Македонија и откажувањето на Охридскиот пливачки маратон за оваа година.

По она што бил информиран од новото раководство на Федерацијата, забележа дека се работи за сериозни обвинувања.

– Од новото раководствио на Пливачката федерација на Македонија пред некој ден бев информиран дека тие веќе после една спроведена ревизија на работењето на претходното раководство и организатори на маратонот имаат поднесено извештаи или кривични пријави до Антикорупциска и Основното јавно обвинителство. Очекувам, бидејќи станува збор за многу сериозни наводи од тоа што ми беше презентирано од новиот претседател на Федерацијата, дека тоа ќе биде земено веднаш во работа и нема да чекаме години и години да разбереме дали има таму навистина криминал, на што упатуваат ревизорските наоди и изјавите на новото раководство или нема ништо. Тој е така нарачен евентуално криминален дел на организацијата – изјави Пендаровски.

По отворањето на јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ одговарајќи на новинарски прашања забележа дека коментарите за откажувањето на Охридскиот маратон се предизвикани од политички мотиви.

– Јас знам дека има луѓе во опозицијата кои некои работи не ги разбираат. Не е возможно да до толку не разбираат и не прават разлика меѓу покровител, организатор и спонзор. Ја сум и денес покровител на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, но немам никаов контакт со финансиската конструкција на семинарот. Имам уште неколку покровителста и тие ги преземав од моите претходници. Ние можеме неформално да помагаме барајќи од приватни фирми спонзорства, но од Кабинетот на Претседателот не било никогаш одделувано пари и средства за организација на било која манифестација на која претседателот е покровител – појасни Пендаровски.

Службите во неговиот кабинет, додаде, вчера проверувале десет години наназади ниту еден денар не бил исплатен од буџетот на Претседателот на државата за која било манифестација.