ТЕНИС
Првиот носител Јаник Синер и шампионот на АТП-финалето од 2020 година, Данил Медведев, ќе ја предводат групата „Илие Настасе“ на финалниот турнир на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) во Торино, а во групата ќе бидат и петтиот носител Тејлор Фриц и дебитантот на турнирот Алекс де Минаур, реши вчерашната ждрепка, објави АТП.
Вториот носител Александер Зверев и годинашниот шампион на гранслем-турнирите Ролан Гарос и Вимблдон, Карлос Алкараз, ја предводат групата „Џон Њукомб“, во која ќе учествуваат и финалистот на турнирот во Торино од 2022 година Каспер Руд и Андреј Рубљов. Двајца од осумте натпреварувачи во поединечна конкуренција го освоија тој трофеј претходно, Зверев во 2018 и во 2021 година и Медведев во 2020-та.
Турнирот почнува в недела. По мечевите во групите, секој со секого, првопласираните двајца тенисери од секоја група ќе се пласираат во полуфиналето.
Годинашното АТП-финале има награден фонд од 15,25 милиони долари, при што шампионот во поединечна конкуренција ќе има шанса да заработи рекордни 4,8 милиони долари, најголема победничка награда за тенисери, ако го освои трофејот без да загуби натпревар, пишува АТП. Н.М.