РАКОМЕТ

Селекторот Кирил Лазаров го скрати првобитниот список на ракометари од 35 на 21, на кои ќе смета за претстојните два квалификациски дуела за пласман на Европското првенство (ЕП) во Германија в година, со Луксембург на гости на 26 април и со Турција на 30 април во Скопје.
Повратници во националниот дрес се левиот бек Филип Талески, кој поради лични причини не настапи во мартовскиот двомеч против Португалија, како и десното крило Гоце Георгиевски. На списокот се и двајца интернационалци, голманот Никола Митревски од Порто и левиот бек Филип Кузмановски од Вецлар.
Македонија моментно е втора во групата А со четири бода, колку што има и Турција, па со две победи ќе го потврди пласманот на втората позиција, а со тоа и место во третиот барабан пред ждрепката на групите за ЕП, на кое ќе се пласираат двете најдобри селекции од осумте групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции. Собирот на ракометарите ќе биде в недела (16 ч.), во Скопје.
Состав: Голмани: Никола Митревски, Мартин Томовски, Марко Кизиќ. Бекови: Томислав Јагуриноски, Мартин Серафимов, Давид Савревски, Филип Талески, Филип Кузмановски, Михајло Младеновиќ, Павле Атанасијевиќ, Игор Ѓоргиев, Марко Митев. Крила: Гоце Георгиевски, Ненад Костески, Петар Атанасијевиќ, Цветан Кузманоски. Пикери: Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ, Михаил Аларов, Костадин Петров. Г.И.