Фото: Игор Бансколиев

И покрај најавените измени во новиот нацрт-закон, она што недостига ќе бидат алатките со кои ќе му се овозможи на Државниот завод за ревизија и самиот да презема одредени дејства доколку утврди недомаќинско трошење на народните пари или, пак, практикување коруптивни поведенија од поединци или институции. Вака, извештаите на Државниот завод за ревизија повторно ќе завршуваат во фиоките на обвинителството, во Собранието, во институциите чие работење било предмет на ревизија, без да се преземе што било работите да се подобрат, а сторителите на злоупотребите да бидат казнети

Нема борба со корупцијата додека
се игнорираат извештаите на
државните ревизори

Државниот завод за ревизија (ДЗР) е меѓу ретките институции во државата што преку своите ревизорски извештаи аналитички, аргументирано и педантно постојано предупредува на недомаќинското трошење на народните пари, алармира за потенцијалните изворишта на коруптивни дејства и тука завршуваат сите негови надлежности, без некаков посебен ефект кај оние што треба да реагираат на извештаите на ревизорите.
Токму во таквиот игнорантски однос на надлежните институции кон ревизорските извештаи треба да се бара извориштето на толку високиот степен на корупција во земјава, бидејќи кога нема реакција од Јавното обвинителство, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и од другите надлежни институции, тогаш цвета беззаконието.
Од неодамна на веб-страницата на ЕНЕР е поставен новиот нацрт-закон за државна ревизија, чија цел е да се постигне зголемена транспарентност, подобро следење на резултатите од ревизиите, како и поголема финансиска независност за државните ревизори.
Новиот нацрт-закон за државната ревизија изработен од Министерството за финансии треба да ја издигне институционално организациската поставеност на Државниот завод за ревизија на ниво на врховна ревизорска институција. Истовремено, намерата е да се постигне независност на Државниот завод за ревизија во однос на раководењето на институцијата, како и пропишување на постапката за избор на главен државен ревизор и заменик на главниот државен ревизор пред Собранието.
Но и покрај најавените измени во новиот нацрт-закон, она што недостига ќе бидат алатките со кои ќе му се овозможи на Државниот завод за ревизија и самиот да презема одредени дејства доколку утврди недомаќинско трошење на народните пари или, пак, коруптивни дејства од поединци или институции. Вака, неговите извештаи повторно ќе завршуваат во фиоките на обвинителството, во Собранието, во институциите чие работење било предмет на ревизија, без да се превземе што било работите да се подобрат, а сторителите на злоупотреби да бидат казнети.
Познавачите на состојбите сметаат дека Државниот завод за ревизија колку и да наоѓа недоследности во работењето и на функционерите, како и на институциите, не може да направи ништо друго ако нема волја за постапување по тие извештаи од страна на оние што треба да реагираат во согласност со законите.
– Не постои никаква опција овие извештаи на Државниот завод за ревизија да бидат предмет на постапување ако е корумпирана извршната, парламентарната и судската власт. Ревизорите ќе ги изнесуваат забелешките, неправилностите во работењето и никој нема да преземе никаква одговорност за тоа. Токму тие извештаи од ревизорите одат до парламентот и до Владата, кои се надлежни да постапуваат по нив, а тие се корумпирани и затоа не постапуваат – вели Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка.
Според него, овие извештаи на Државниот завод за ревизија треба да се особено интересни за Јавното обвинителство, бидејќи во поголем дел од нив се констатираат голем број злоупотреби и незаконски дејства.
– Овие извештаи одат и до Јавното обвинителство и тоа треба врз основа на тие извештаи да поведува постапки. Досега видовме дека обвинителството не само што не постапува против функционерите туку не постапува ниту против бизнис-мафијата. Сето тоа е купено – истакнува Гошев.
Тој смета дека борбата со корупцијата не може да се прави без функционални институции што ќе постапуваат според законите.

– Не може само една институција, како во случајот Државниот завод за ревизија, да постапува. Тоа е синџир. Државниот завод за ревизија не е полиција, тој може само да утврди одредени фактички состојби, но институциите се тие што како споен механизам треба да функционираат и да ги превенираат негативностите утврдени со извештаите – појаснува Гошев.
Неговото мислење е дека кога би постоела вистинска волја за справување со наводите во тие извештаи, тогаш и државата би функционирала подобро.
– Погледнете што се случува во Британија. Таму се појавија некакви индиции за конфликт на интереси на премиерот Сунај и веднаш се формира парламентарна истражна комисија што ќе утврдува дали сопругата на британскиот премиер имала акции во некоја компанија што примала донации од владата. Тоа е откриено и веднаш е формирана комисија, по што ќе следуваат и казни, од опомени до премиерот, што не е мала работа во Англија, бидејќи тоа сериозно влијае таму дури и врз пратениците што го поддржувале истиот тој премиер. Таму ако видат дека премиерот го губи рејтингот, самите пратеници бараат негова смена – објаснува Гошев.
Според него, Државниот завод за ревизија кај нас работи добра работа, но клучно е да функционираат и преостанатите алки.
– Клучно е да функционираат луѓето, бидејќи институциите сами по себе не можат без човечки фактор. Ако имаме луѓе на место, остра јавност што ќе алармира за проблемите, тогаш можеби и овие извештаи нема да завршуваат во нечии фиоки, без никаква разврска – заклучува Гошев.
За другите соговорници, тоа што сега се подготвува нов нацрт-закон за државна ревизија нема ништо да смени доколку не се смени менталниот склоп на политичарите.
– Тоа што наводно со новиот закон ќе има поголема транспарентност, подобро ќе се следат резултатите од ревизиите, а државните ревизори ќе бидат финансиски независни, нема ништо да промени. И сега оние што сакаат да читаат и имаат барем малку познавање можат да ги видат ревизорските извештаи, бидејќи тие и онака се јавни и транспарентни, но нетранспарентни се оние што треба да постапуваат по тие извештаи, како Собранието, Владата, обвинителството. Тука запнува работата. Сè додека не се смени менталниот склоп на нашиве политичари, дека се избрани да му служат на народот, злоупотребите ќе продолжат, а ревизорските извештаи и натаму ќе си останат само мртва буква на хартија, без оглед колку закони ќе се сменат – потенцираат соговорниците.