Идејата е да има настан од типот на спринт, на постсезонскиот тест во Абу Даби, за да им се даде на младите возачи подобра можност да ги покажат своите квалификации за да се тркаат во Ф1

ФОРМУЛА 1

Шефовите на Формула 1 (Ф1) го одложија планот најмалку до 2025 година да организираат трка на крајот на сезоната за идните возачи, пишува „Би-би-си“. Идејата, наречена „трката на дебитанти“, беше да има настан од типот на спринт, на постсезонскиот тест во Абу Даби, за да им се даде на младите возачи подобра можност да ги покажат своите квалификации за да се тркаат во Ф1. Но состанокот на комисијата на Ф1 во средата одлучи дека е потребно повеќе време за да се осигури дека идејата ќе функционира што е можно поефективно, пишува „Би-би-си“.
– Иако концептот доби широка поддршка, беше утврдено дека, поради временските и организациските ограничувања, настанот нема да се одржи во 2024 година, а дискусиите ќе продолжат за формулирање на потенцијалниот концепт и план за 2025 година – пишува во соопштението на ФИА, пренесе „Би-би-си“.
Тимовите, управното тело ФИА и носителот на комерцијалните права Либерти медија, трите страни што ја сочинуваат комисијата на Ф1, се согласија дека постои чувство дека планот се избрзува, а меѓу работите беше оптоварувањето наметнато на членовите на тимовите што веќе ќе ја имаат заокружено најдолгата сезона во историјата, а има импликации на товарот и другата логистика, како и тоа како настанот ќе се пренесува на телевизија и ќе се осигури дека е привлечен за секоја публика, пишува „Би-би-си“. Н.М.