Зоран Гавриловски

Полска и Русинот Павлов повторно најдобри на СП во решавање шаховски композиции, а на конгресот беа потврдени резултатите од претходните меѓународни турнири на кои македонските композитори остварија значајни успеси

СВЕТСКИ КОНГРЕС ЗА ШАХОВСКИ КОМПОЗИЦИИ ЗА 2023 Г.

На 65-от Светски конгрес на шаховската композиција (СКШК) во Батуми (Грузија) од 2 до 9 септември годинава, македонскиот велемајстор (ВМ) во проблемски шах Зоран Гавриловски освои второ почесно признание (вкупно петто место) на романскиот турнир Цуица за помошни самоматови. Интермајсторот (ИМ) Златко Михајлоски беше 15-ти со петтото почесно признание на израелскиот турнир Сабра за помошни матови во два потега, на кој учествуваа 60 проблеми (најдобрите десет освоија награди), а Гавриловски тука освои 14-то почесно признание.
Во состав на конгресот се одржа 46. СП во решавање шаховски композиции, на кое повторно победи Полска пред Литванија, Велика Британија и Грузија. Најдобар индивидуален решавач беше рускиот ВМ Данила Павлов пред полските ВМ Каспер Пјорун и Пјотр Мурдзја. На Отворениот турнир во решавање во Батуми победи Русинот Урал Хасанов. И овој и 16 други турнири се бодуваа за Светскиот куп во решавање за 2022-2023, во кој победи белгискиот ВМ Еди ван Беерс.
Во рамките на 65. конгрес се одржаа три состаноци на Светската федерација за шаховски композиции (СФШК), на кои преку зум-врска учествуваше ВМ Гавриловски.
СФШК ги прогласи или ги потврди резултатите од претходните меѓународни натпревари, вклучувајќи ги турнирите на СКШК и неодамна завршеното поединечно СП во составување за 2019-2021 (ретроспективно првенство за претходно објавени проблеми, во кое Гавриловски повторно стана светски вицешампион во групата самоматови, беше четврти во групата матови во четири и повеќе потези, седми во групата матови во два потега и осми во групата матови во три потега), СК на ФИДЕ во составување шаховски композиции 2023 (дописен турнир за оригинални проблеми, во кој Гавриловски освои специјално почесно признание во групата трипотези и како меѓународен судија на ФИДЕ ја судеше во групата самоматови) и изборот на проблеми за ФИДЕ-албум 2019-2021, за кој се селектирани 39 проблеми од Гавриловски, а Михајлоски со свои и заеднички проблеми освои нови 12,83 албумски поени, со кои се приближи до титулата ВМ. Г.И.