Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најновите светски истражувања покажуваат дека бројот на заболени од рак кај луѓето помлади од 50 години е зголемен за речиси 80 отсто во последните три децении! Во нашата земја состојбата со бројот на болни од рак не заостанува зад светските статистики! Според десетгодишниот извештај за рак за периодот 2012-2021 година, во државата има 6.908 нови случаи на ниво на година, односно на 100.000 население има 333 случаи

Истражување: Сѐ повеќе лица помлади од 50 години болни од рак

Кои се клучните фактори поради кои во последните 30 години има драстичен пораз на малигните заболувања, како што покажува едно сериозно, длабоко и сеопфатно истражување на светско ниво?
А Македонија е само дел од светскиот пораст на болни од карцином кај популацијата под 50 години, каде што светските, а и македонските статистики покажуваат многу висок процент на болни, што, пак, се сериозно загрижувачки податоци.
Ракот на дојка и на бели дробови се меѓу најчестите малигни заболувања регистрирани секоја година во светот и во Македонија.
Најновите светски истражувања покажуваат дека бројот на заболени од рак кај луѓето помлади од 50 години е зголемен за речиси 80 отсто во последните три децении.
Во нашата земја состојбата со бројот на болни од рак не заостанува зад светските статистики.
Според десетгодишниот извештај за рак во Република Северна Македонија за периодот 2012-2021 година, подготвен во Одделот за здравствена статистика и публицистика при Институтот за јавно здравје, врз основа на податоците од националниот регистар на рак на Република Северна Македонија (Регистар), просечно во државата во периодот 2012-2021 има 6.908 нови случаи на ниво на година, односно на 100.000 население има 333 случаи.
Од нив, 54, 2 отсто се мажи, додека 45, 8 отсто се жени.
До 50-годишна возраст, жените се застапени со 60,80 отсто, а мажите со 39,20 отсто.
Над 50-годишна возраст мажите се застапени со 56,24 отсто, за разлика од жените, кои се застапени со 43,76 отсто.
Околу 87,92 отсто од случаите на рак се меѓу популацијата што е постара од 50 години, од кои помеѓу 50 и 60 години се 18,64 отсто. Околу 0,35 отсто од случаите на карцином се јавуваат кај деца и адолесценти помлади од 15 години.

Рак на бели дробови кај мажите и рак на дојка кај жените се најчестите дијагнози

Најзастапени дијагнози во период од десет години кај целото население во земјава се малигната неоплазма на бронх и бел дроб со 12, 56 отсто од вкупно пријавените случаи, потоа следува малигна неоплазма на дојка, други малигни неоплазми на кожата, колон, желудникот итн.
Најзастапени дијагнози во период од десет години кај машкото население се малигна неоплазма на бронх и бел дроб со 18,90 отсто од вкупно пријавените
случаи, потоа следува малигна неоплазма на простата, други малигни неоплазми на кожата, желудникот итн.
Најзастапени дијагнози во период од десет години кај женското население се малигната неоплазма на дојка со 24, 87 отсто од вкупно пријавените случаи, други малигни неоплазми на кожата, потоа следува малигна неоплазма на телото на утерусот, бронх и бел дроб итн.

Клиниката за онкологија секоја година има повеќе од 5.000 нови пациенти

И здравствените власти потврдуваа дека секоја година има раст во бројот на болни од рак.
Д-р Виолета Клисаровска, директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, пред два дена информира дека од 2017 година, па наваму има значајно зголемување на бројот на пациенти во клиниката.
– Имаме повеќе од 5.000 нови пациенти во годината. Правиме околу 90.000 прегледи годишно. Ние веќе имаме и кадровски и просторни и финансиски проблеми. Среќна сум како лекар да кажам дека новите лекови, кои кај нас ги има околу 30, овозможуваат пациентите да преживеат и живеат, но ние работиме со истиот персонал како и во 2017, кога сме имале двојно помалку пациенти. Невозможно е да се постигне – додаде директорката.

Светските истражувања со запрепастувачки податоци

Бројот на заболени од рак кај луѓето помлади од 50 години е зголемен за речиси 80 отсто во последните три децении. Ова го покажуваат резултатите од најновото истражување, спроведено од Универзитетот во Единбург во Шкотска и Медицинскиот факултет на универзитетот „Жеџијанг“ во Кина. Ова е прво истражување од ваков вид што го испитува проблемот на глобално ниво и ги истражува факторите на ризик за помладите возрасни лица.
Истражувањата покажале дека повеќе од еден милион луѓе помлади од 50 години годишно умираат од рак.
Глобалниот број на заболени од рак се зголемил од 1,82 милион во 1990 година на 3,26 милиони во 2019 година, додека смртните случаи од рак кај луѓето под 50-годишна возраст се зголемиле за 27 отсто.

Што е причината за толку голем пораст на болни од рак?

Експертите засега не можат со сигурност да кажат што се крие зад толку големиот пораст на заболени од рак, но сметаат дека лошата исхрана, употребата на алкохол и тутун, слабата физичка активност и дебелината се главните фактори покрај другите причинители.
– Од 1990 година, инциденцата и смртноста на раните форми на рак значително се зголемија на глобално ниво. Поттикнувањето здрав начин на живот, кој вклучува намалена потрошувачка на тутун и алкохол, здрава исхрана и соодветни активности на отворено, може да го намали ризикот од такви болести – велат научниците во истражувањето, кое го пренесува британски „Гардијан“.
Претходните студии покажале дека во последните неколку децении, во различни делови на светот, инциденцата на рак кај луѓето помлади од 50 години се зголемува.
Но тие студии се фокусирале на регионалните и националните разлики. Во оваа глобална студија, научниците анализирале податоци од 204 земји, кои покриваат 29 видови рак. Тие ги разгледале новите случаи, смртните случаи, здравствените исходи и факторите на ризик за луѓето на возраст од 14 до 49 години за да проценат како се променила ситуацијата помеѓу 1990 и 2019 година.
Во 2019 година имало 3,26 милиони нови дијагнози на рак кај оние под 50 години, што е 79 отсто зголемување од 1990 година. Ракот на дојката претставува најголем број случаи и придружни смртни случаи. Помеѓу 1990 и 2019 година, најбрзо се зголемил бројот на случаи на ран почеток на рак на душникот и простатата.

Источна Европа, Централна Азија и Австралија со највисоки стапки на смртност од рак

Во 2019 година, 1,06 милион луѓе на возраст под 50 години починале од рак, што е зголемување од 27 отсто во однос на бројката од 1990 година. По ракот на дојка, најголем број смртни случаи се поврзани со рак на душникот, белите дробови, желудникот и цревата. Најголем пораст на смртните случаи има кај луѓето со рак на бубрези или јајници.
Највисоки стапки на нови дијагнози на рак во 2019 година се забележани во Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд и Западна Европа. Зафатени беа и земјите со низок и среден приход, со највисоки стапки на смртност кај помладите од 50 години во Австралија и Нов Зеланд, Источна Европа и Централна Азија.
Авторот на студијата, д-р Кју Ли, од Центарот за глобално здравје на институтот „Ашер“ на Универзитетот во Единбург изјавил дека ракот кај помладите од 50 години во Велика Британија бил во пораст од 1990 до 2010 година, но вкупната стапка на инциденца останала стабилна од 2010 година до 2019 година.
– За среќа, годишната стапка на смртност од рак во оваа возрасна група во Велика Британија постојано опаѓа, што е доказ за извонредните напори во скринингот и лекувањето на ракот во последните три децении – додаде таа.