АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ПО ТРКИТЕ ВО БОРМИО

На неверојатно брзата и незгодна патека во Бормио, Марко Одермат (Швајцарија) отскија одлично во супервелеслаломот и се најде на врвот на пласманот на Светскиот куп во алпско скијање, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Австрискиот великан Матијас Маер, пак, објави дека се пензионира за време на утринската проверка на снегот.
Но 25-годишниот Одермат покажа дека иднината е во добри раце, продолжувајќи го својот епски дуел со Норвежанецот Александер Омод Килде за титулата во генерален пласман сезонава во Светскиот куп. Никој не можеше да му парира на Одермат, но Винсент Крихмајр (Австрија) беше најблиску. По победата на спустот во Бормио еден ден претходно, неговата блескава форма продолжи со моќна серија, завршувајќи со 64 стотинки заостанување зад победникот.
– Тоа беше совршена трка, речиси, особено од делот до финишот. Тоа беше многу тешка трка, на замрзната тешка патека мораше да се скија паметно, претпоставувам и да се користи малку тактика, но ми успеа. Имав чувство дека е брзо, но дека сум чекор понапред – рече Одермат.
Актуелниот победник во Светскиот куп, Одермат, води во генерален пласман за сезонава, потоа се Килде, Хенрик Кристоферсен од Норвешка итн. Светскиот куп продолжува на 4 јануари, со слаломот во Гармиш Партенкирхен.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Шифрин реди триумфи, рекордите се сѐ поблиску

Извонредната Микаела Шифрин (САД) победи на два велеслалома во низа во Светскиот куп во алпско скијање, на патеката во Семеринг (Австрија) и сега, на 27-годишна возраст, ја делат само четири победи да стане најуспешната скијачка на Светскиот куп досега.
Таа ја забележа својата 79-та победа во трка во рамките на Светскиот куп во кариерата (има 49 победи во слалом, 16 во велеслалом, по пет во паралелслалом и во супервелеслалом, три во спуст и една во комбинација) и сега го има на повидок рекордот на нејзината сонародничка Линдзи Вон од вкупно 82 триумфи во трките во Светскиот куп во алпско скијање (победи во 43 трки во спуст, 28 во супервелеслалом, пет во комбинација, четири во велеслалом, две во слалом).
Вкупниот рекорд, пак, го држи Ингемар Стенмарк (Шведска) со неговите 86 победи (победи во 46 трки во велеслалом и во 40 во слалом) во Светскиот куп во кариерата. Со ова темпо нема да помине долго пред Шифрин да биде на врвот, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Вчера на програмата беше слаломот во истиот скијачки центар.