Тимот од Љубљана, каде што капитен е Ѓоргиев, без пораз ја одбрани титулата во првенството на Словенија, а претходно сезонава победи и во купот на таа земја и во регионалната МЕВЗА-лига. АЦХ волеј ги освои трофеите во тие три натпреварувања и во минатата сезона
ОДБОЈКА – СЛОВЕНИЈА
Македонскиот одбојкарски репрезентативец Никола Ѓоргиев сезонава освои уште една тројна круна со АЦХ волеј од Љубљана, откако со тој клуб ја одбрани и шампионската титула во првенството на Словенија. АЦХ волеј, чиј капитен е капитенот на македонската репрезентација Ѓоргиев, во финалната серија со 3-0 во победи го совлада Калцит волеј и ја освои својата 19-та титула. Во решавачкиот меч, АЦХ волеј победи со 3-1 и сезоната ја заокружи без ниту еден пораз.
АЦХ волеј претходно сезонава го совлада истиот противник и во финалето на Купот на Словенија (со 3-2) за 14-ти трофеј во тоа натпреварување, како и во регионалната МЕВЗА-лига (сезонава играа тимови од Словенија, Хрватска, Австрија и Словачка), каде што тимот од Љубљана го освои својот 13-ти трофеј, исто така без пораз.
АЦХ волеј ги освои трофеите во тие три натпреварувања и во минатата сезона.
За македонската одбојкарска репрезентација следуваат мечеви во Златната европска лига, во мај и во јуни (во групата Б со селекциите на Белгија, Украина и на Хрватска), во пресрет на Европското првенство во август и во септември, на кое Македонија е еден од четирите кодомаќини и своите натпревари во групата Ц ќе ги игра во Скопје (со Полска, Холандија, Чешка, Црна Гора и со Данска). Н.М.