На турнирот настапија 357 натпреварувачи од 34 џудо-клуба од девет држави

ЏУДО – 11-ТИ МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „МИОКИ ОПЕН 2022“

Џудо-клубот Миоки од Скопје во женска и Академик од Никшиќ во машка конкуренција се најуспешните клубови на традиционалниот, 11-ти по ред меѓународен турнир „Миоки опен 2022“, кој се одржа во Скопје, а на кој првпат во Македонија правдата во овој спорт ја делеа и четворица судии на Светската џудо-федерација (ИЏФ), што само придонесе настанот да добие уште поквалитетно ниво.
На турнирот, кој за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, учествуваа 357 натпреварувачи од 34 џудо-клуба од девет земји (Македонија, Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора, Романија, Грција, Бугарија, Косово).
За Миоки златни медали освоија, во возрасната категорија до 13 години, Лука Николовски и Кирјана Нешковски, сребрени Демир Друштинац, Теона Горгиева и Хамида Друштинац, а бронзени Виктор Трчков, Софија Винокиќ, Емилија Паскоска и Нина Панчевска. Во категоријата до 15 години, првото место им припадна на Хамида Друштинац и Емилија Паскоска, второто на Нина Панчевска и Матеа Ефтимова, а третото на Илина Блажеска и Давид Петкоски. И во возрасната категорија до 18 години победничкиот пехар го кренаа Ива Богдановска и Азра Заими, а второто место го освои Георгина Блажевска. Почесни признанија добија Азра Заими (до 43 кг) и Ива Богдановска (до 52 кг), за извонредниот настап во нивните категории. Г.И.