Фото: Архива

Неодамна европската јавна обвинителка Лаура Ковеси, за време на посетата на Загреб, изјави дека е поведена истрага во врска со набавката на вакцини против коронавирусот од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Објавувајќи ја истрагата, Ковеси рекла дека добиле жалби од поединци и, како Обвинителство, имаат обврска да истражат. Случајот бил отворен пред неколку месеци, врз основа на тие индиции. Кај нас, пак, со последниот избор на ЈО за ГОКК, со процедура од која бликнаа речиси нескриени партиски инструкции, сѐ повеќе се создава празнина во принципите за вистинско спроведување на правото и правдата – дека ќе нема недопирливи пред законот

Европската јавна обвинителка поведе истрага и за претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен. До каде сме ние во гонењето на организираниот криминал и корупцијата?

Актуелноста за изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не стивнува, благодарение на недостатоците и слабостите, па и на грешките и пропустите, сторени намерно или од небрежност, во процедурата за избор спроведена според новиот закон за јавно обвинителство. Дополнителна измешаност на сето тоа направи и неверодостојноста во првите изјави на Ислам Абази при преземањето на функцијата, во врска со неговите релации со високи претставници од политички партии. Меѓутоа, севкупноста и повеќеслојноста на овој случај го наметнуваат како општествена тема од висок јавен интерес „синдромот на недопирливост во македонскиот правен систем за одредени политички структури“!

Ковеси вели дека ги има сите потребни алатки за да спроведеме каква
било истрага и, што е уште поважно, законот е еднаков за сите

И покрај добропознатото истражување на јавното мислење во кое се констатира „деведесет и два отсто недоверба на граѓаните во македонскиот правосуден систем“, поради низа недоследности во правораздавањето, вклучувајќи го и силното политичко-партиско влијание, сепак продолжува тенденцијата на „политички влијанија, комбинаторики и манипулации при изборот во правосудните структури“. Тоа дефинитивно силно обесхрабрувачки влијае кон амбициите на Македонија да ги постигне стандардите на ЕУ за владеење на правото и правната држава. Целата суштина на преговарачкиот процес со ЕУ е токму усогласување на македонското законодавство според европската регулатива, а и негово неселективно спроведување, според правните принципи и стандарди.
Наспроти изборот на ЈО за ГОКК во Македонија со речиси нескриени партиски инструкции, што секако создава резерви околу неговиот капацитет за неселективен пристап при гонењето на организираниот криминал и корупција, за принципите на вистинско спроведување на правото и правдата – нема недопирливи пред законот. Неодамна европската јавна обвинителка Лаура Ковеси, за време на посетата на Загреб, изјави дека е поведена истрага во врска со набавката на вакцини против коронавирусот од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Објавувајќи ја истрагата, Ковеси рекла дека добиле жалби од поединци и, како Обвинителство, имаат обврска да истражат. Случајот бил отворен пред неколку месеци, врз основа на тие индиции.
Ковеси објасни дека е поведена истрага во врска со набавката на вакцините против коронавирусот и улогата на Урсула фон дер Лејен во тој процес.
– Имаме многу искусни обвинители, професионални и храбри. Нашата независност е загарантирана. Ги имаме сите потребни алатки за да спроведеме каква било истрага и, што е уште поважно, законот е еднаков за сите – рече Ковеси, нагласувајќи дека Обвинителството ќе ја работи „својата работа, почитувајќи ги сите права на луѓето вклучени во предметите“ и смета дека нема да има проблеми.
Во врска со набавката на вакцините за коронавирусот за земјите на ЕУ, „Њујорк тајмс“ пред извесно време пишуваше дека личниот контакт на извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, со претседателката на Европската комисија бил клучен за постигнување на договорот во вредност од повеќе милијарди евра.
Ковеси смета дека не постои земја во Европа во која нема корупција. Во текот на изминатите три години, колку што таа е на функцијата јавен обвинител во ЕУ, примени се повеќе од 4.000 предмети, од кои повеќе од половината ги поднеле граѓани. Отворени се повеќе од 1.200 истражни постапки, а запленети се 250 милиони евра, што е пет пати повеќе од буџетот на Обвинителството.

Мноштво случаи во државава што не оставаат впечаток за независност на обвинителствата од политичко влијание

Евентуалните споредби на ефикасноста од Јавното обвинителство на ЕУ со резултатите само на специјалните форми на обвинителства во Македонија (СЈО и ЈО ГОКК) се исклучително неблагодарни и никако не одат во прилог на зголемување на довербата на македонските јавнообвинителски институции. Дебаклот на СЈО, преземењето на неговите предмети од страна на ЈО ГОКК , па и пресудите и спогодбите во одредени предмети, кои и понатаму оставаат правни контроверзии, не оставаат впечаток за независност на овие обвинителства од политичко влијание, како и од позиција на финансиска моќ. Згора на сѐ, покрај предметите на СЈО, на совеста и честа на јавнообвинителскиот систем во Македонија стои и предизвикот за отворање на четирите случаи вратени од Хашкиот трибунал, за злосторства против човештвото (кои никогаш не застаруваат) сторени од припадници на ОНА, во 2001 година. Јавната перцепција за политички интервенционизам и при изборот на новиот шеф на ЈО ГОКК не влева доверба за надминување и решавање на затекнатите состојби.
– Со оваа политичка култура во македонскиот општествено-политички амбиент, особено тежок предизвик е да се постигне независност на правосудниот систем од партиско-политичките влијанија. Шансите за брзо да ги постигнеме европските стандарди за владеење на правото и на правната држава се ограничени од фактот што во Македонија сѐ уште им робуваме на гледишта и матрици на оваа тема од претходниот систем, кој беше авторитарен. За жал, во спроведувањето на правото не раскрстивме целосно со тој систем и не создадовме нов систем според вредностите на демократскиот плурализам што го усвоивме како државно уредување. Во тој поглед, ја потврдуваме во практика теоријата на Ралф Дарендорф дека „земјите од Источниот блок за шест месеци го усвоија економскиот систем на Западот, за шест години – законодавството, но за да ја усвојат граѓанската политичка култура, ќе бидат потребни 60 години“. Од таа проекција на Дарендорф, за потребните 60 години за усвојување на културно-политичките демократски вредности, нам ни поминаа 30, но се чини не сме поминале ни десет метри од патот долг илјада милји – вели политичкиот аналитичар и поранешен јавен обвинител Сотир Костов.
Во врска со стручните капацитети на Македонија за усвојување на стандардите на европското право, односно примена и почитување на критериумите на владеење на правото и правната држава, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски смета дека имаме подготвени, чесни и стручни правници што можат да го преземат товарот на усогласување и примена на европското законодавство. Сепак, изборите на први луѓе на правни институции со нескриено партиско влијание и интервенција ги обесхрабруваат тие стручни капацитети, а ги обесхрабруваат и целиот процес на евроинтеграции и довербата на граѓаните во правната држава.
– Прво нешто што пречи во начинот на избор на шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е тоа што нема демократска контрола на процесот, преку Собрание. Пречи што нема јавно соочување и претставување на кандидатите за таа позиција , преку преставување на нивната програма за работа во Собранието. Тоа ни го донесе резултатот за прв човек на ЈО ГОКК да биде избрана личност со длабок конфликт на интереси, со блиски лични релации со високи партиски преставници. Притоа, анонимец според стручноста и компетентноста во професионалните правни кругови, што му дава квалификатив на партиски човек. Таквиот избор не влева доверба дека неселективно и непристрасно ќе се бори против организираниот криминал и корупцијата – вели Ивица Боцевски.