Металург во својата богата спортска активност бил шампион во Првата карате-лига на Македонија во 2004, 2005, 2006, 2007, 2009, 2010, 2011 и 2012 година, а бил првак на Македонија за сениори екипно во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година. Од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), пак, е прогласуван за најуспешен клуб во 2006, 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година. Во сите возрасни категории (кадети, јуниори, постари јуниори до 21 година и сениори), 20 каратисти на Металург имаат освоено вкупно 58 медали на татамите

КЛУБОТ ОД АВТОКОМАНДА ДЕНЕСКА ОДБЕЛЕЖУВА 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ И УСПЕШНА АКТИВНОСТ

По одложување од три години поради пандемијата на коронавирусот, повеќекратниот клупски карате-првак на Македонија, Металург, денеска, во хотелот „Континентал“ во Скопје (11-13 ч.), ќе го одбележи јубилејот, 50 години постоење и успешна активност. Клубот е формиран во 1969 година, во рамките на тогашниот Центар за спорт и рекреација при рудници и железарница „Скопје“, кој е и основач на клубот, а во состав на тогашното спортско друштво Металург. Иницијатор е Стефанчо Крстевски, кој е наедно и прв тренер.

Металург во својата богата спортска активност бил шампион во Првата карате-лига на Македонија во 2004, 2005, 2006, 2007, 2009, 2010, 2011, 2012 година, а по таа година се укинува Првата карате-лига. Металург бил првак на Македонија за сениори екипно во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година. Од Карате-федерацијата на Македонија (КФМ), пак, е прогласуван за најуспешен клуб во 2006, 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година.

Клубот екипно и поединечно настапувал на европски (ЕП), светски (СП), универзитетски, регионални првенства, балканијади и во најсилните лиги (Премиер и Златната лига) во различни возрасни категории. Доволно е, меѓу другото, да се спомнат среброто на Иво Цветковски на ЕП во 2007 година во Братислава, бронзата на Огнен Груевски на ЕП во Атина во 2010, бронзата на Мартин Несторовски на ЕП во Истанбул во 2015 и бронзата на Европските игри во Баку во 2015 година, сите во сениорска конкуренција. Секако не изостанаа медали и во кадетско-јуниорската конкуренција, како и во дисциплината кати. За одбележување е и златниот екипен медал на Металург на ЕП за региони во Косово 2017 година, што претставува прво клупско злато за Македонија воопшто во оваа конкуренција. Во сите возрасни категории (кадети, јуниори, постари јуниори до 21 година и сениори), 20 каратисти на Металург имаат освоено вкупно 58 медали на татамите.

Клубот ги одржува тренинзите во салата на ММУЦ „Панче Арсовски“ во Автокоманда, Скопје. Од 2003 година, претседателка на клубот е Снежана Сиљановска, која мошне успешно ја врши функцијата, а главен тренер е Мирче Јанушевски. Од јануари 2004 година, клубот добива моќен спонзор, компанијата „Макстил АД“, на чело со бизнисменот Минчо Јорданов, со што се создадоа максимални услови за работење и развој на младите каратисти, како и за постигнување врвни спортски резултати.

Први натпреварувачи во клубот биле: Никола Грдановски-Нике, Драган Андоновски, Хари Ефтимовски, Горица Петрушевска, Александар Туфекчиевски, Јосиф Велковски, Бранко Здравковски. Први карате-мајстори, пак, во клубот се Ефтимовски (февруари 1975), Никола Грдановски-Нике (ноември 1975), Мирче Јанушевски (ноември 1975), кои титулите ги добиле од јапонскиот инструктор Теиџи Казе. Во 1976 година, клубот е поканет да учествува во активностите за формирање на Првата сојузна карате-лига, како клуб со доволен број црни појаси, што покрај финансиските средства, беше еден од условите за учество во таа лига. Во 1981 година, клубот ги постигнува првите позначајни резултати на шампионатите на тогашна СФР Југославија. Така, Миодраг Бранковиќ е трет во лесна категорија (јуниори), а Драган Савиќ трет (јуниори) во полусредна категорија на првенството одржано во Целје. Во чест на прерано починатиот член, натпреварувач и тренер на клубот Металург, Никола Грдановски-Нике, востановен е истоимениот меѓународен меморијален традиционален карате-турнир, кој се одржува и денес.


Тренери и претседатели

Во клубот од основањето биле ангажирани следниве тренери: Стефанчо Крстевски, Никола Грдановски-Нике, Хари Ефтимовски, Мирче Јанушевски, Драган Андоновски, Горица Петрушевска, Борис Грозданов, Зорица Петрушевска, Љиљана Петрушевска, Марина Николова-Величковска, Љубиша Богдановски, Љутви Асани, Ванчо Дигаловски, Драган Грдановски, Ивица Алексовски, Кенан Асани, Томче Павлов, Властимир Јовановиќ, Димче Кичевски, Таќ Едхем, Трајан Трајковски, Ахмедин Марукиќ, Атанас Чергарски, Огнен Спасовски, Силвана Илиевска, Амир Беговиќ. Во моментов тренери во клубот се: Јанушевски (главен тренер), Беговиќ и Грдановски.
Со клубот изминатиов период раководеле следните претседатели: Ѓорѓи Исјановски (прв претседател), Танас Јолаковски, Драган Настевски, Симеон Василев, Лазе Алексов, Орце Коруновски, Слободан Јованов (почесен претседател) и Снежана Сиљановска (актуелна претседателка).


Изложба на слики, краток филм, доделување признанија

Jубилејот 50 години постоење на КК Металург свечено ќе биде одбележен денеска, со посебна прослава во хотелот „Континентал“ во Скопје (почеток од 11 часот). На прославата ќе присуствуваат повеќе гости и спортисти, кои ќе имаат можност да ја видат изложбата на досегашните постигнати спортски резултати на Металург, потоа ќе следуваат и проекција на краток филм за постоењето и активноста на клубот, поздравни говори, доделувања златни и сребрени плакети, како и посебни признанија на членови на клубот, но и на сите оние што придонеле за досегашниот развој и успех на клубот од Автокоманда.