Идејата за организирање ваков меѓународен турнир во пионерска конкуренција е всушност промоција на ватерполото во овој крај, но и афирмација на Дојранско Езеро, и ќе биде досега најсилен во оваа конкуренција што се одржал кај нас во претходните 15 години. На него ќе настапат Ниш од Ниш, Стари град од Белград, Расина од Крушевац и Локомотива од Скопје, вели главниот менаџер во ПВК Локомотива и инструктор по пливање и ватерполо, Боро Стефановски
По повод Денот на осамостојувањето на Македонија, 8 Септември, жителите на Дојран и околините места денеска и утре ќе имаат убава можност да присуствуваат на ватерполо-турнир во пионерска конкуренција, кој ќе се одржи на плажата Калдрма на Дојранско Езеро. Ќе учествуваат четири екипи, и тоа три од Србија, Стари град од Белград, Расина од Крушевац и Ниш од Ниш, како и една од Македонија, Локомотива од Скопје.
– Идејата за организирање ваков меѓународен ватерполо-турнир во пионерска конкуренција, односно за деца родени од 2010 до 2015 година, е всушност да се промовира ватерполото во овој крај, но и афирмација на самото езеро. Се разбира, претходно децата ги учиме со основите на пливачките дисциплини градно и грбно, како и малку играње со топка во вода, оти прво мора да ја совладаат пливачката школа, за да знаат технички исправно да пливаат. Едноставно, сакаме во Дојран да ги раздвижиме пливањето и ватерполото, идеја што постои од поодамна, а, што е најважно, имаме и голема поддршка од општината – вели главниот менаџер во ПВК Локомотива и инструктор по пливање и ватерполо, Боро Стефановски.
По Охрид, Струга, ваков турнир сега ќе се одржи и во Дојран, а според Стефановски ќе биде мошне силен.
– Овој турнир во Дојран ќе биде досега најсилен во пионерска конкуренција што се одржал кај нас во претходните 15 години. Во Охрид имавме промотивен турнир во ватерполо во пионерска конкуренција, како и во Струга, кој беше неодамна одржан на реката Дрим, во рамките со други спортови на вода, така што во Дојран од годинава правиме малку посериозен ватерполо-турнир – вели Стефановски.
Според Стефановски, интересот кај најмладите за развој на пливањето и на ватерполото во овој крај е добар и со нив веќе се работи.
– Веќе една недела држиме школа за пливање, заедно со уште еден инструктор по пливање и еден професор во училиште. Пливачката школа веќе функционира, а тие деца од оваа школа на крајот ќе тренираат и ватерполо. Тоа ќе го правиме до 1 октомври, оти условите овде го дозволуваат тоа, а водата е многу топла. Одзивот засега е многу добар, имаме 20-25 деца од Дојран и од околината, кои се поделени во групи – вели Стефановски.
Општина Дојран посакува турнирот да стане традиционален, а градот да има свој ватерполо-клуб, како што вели Стефановски.
– Од Општина Дојран изразија желба овој турнир да стане традиционален, а ние од клубот Локомотива да помогнеме да се формира и еден ватерполо-клуб што би функционирал во Дојран. Триатлонот веќе е присутен во Дојран, државните првенства веќе се одржуваат тука, па, така, и многу ватерполисти во иднина сигурно би учествувале на него – рече Стефановски. Г.И.
Стефановски: Нѐ очекува еден голем ватерполо-хепенинг
Меѓу официјалните натпревари на турнирот ќе има и дополнителни натпревари меѓу три екипи, од кои една ќе биде младинската на ПВК Локомотива, а другите две се сениорски, Вардар и Крива Река. Тие ќе играат меѓу себе и со тоа ќе го пополнат празниот простор меѓу натпреварите на официјалниот турнир. Накратко, во наредните два дена нѐ очекува еден голем ватерполо-хепенинг во Дојран, што секако ќе придонесе и во настојувањето ватерполото како спорт што повеќе и систематски да се развива во Македонија во посакуваниот правец, рече главниот менаџер во ПВК Локомотива и инструктор по пливање и ватерполо, Боро Стефановски. Г.И.