На турнирот во Улцињ, Македонија славеше на дуелите со Косово и со Словенија, а загуби од Црна Гора
ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП, ТРЕТА ЕВРОПСКА ЗОНА
Македонската тениска дејвискуп-репрезентација забележа победа со 2-0 во сетови на дуелот со селекцијата на Косово во третиот натпревар во Третата европска зона, што се играше во Улцињ (Црна Гора), и со тоа обезбеди опстанок во таа зона.
До двата поена Македонија стигна по двете поединечни победи. Во првиот натпревар Берк Бугариќ го совлада Мал Агуши со 6-2, 6-1, а во вториот меч Шендрит Деари го победи Јасин Јакупи со 6-4, 1-6, 6-3. Со оглед на резултатот од 2-0 по поединечните средби, третиот меч во двојки немаше потреба да се игра.
Во групата Б беа Кипар, Молдавија, Азербејџан и Косово. На натпреварите во Улцињ, Македонија претходно ја совлада и Словенија, со 2-1 во сетови, а загуби во првиот дуел од Црна Гора со 0-3, што беше решавачко црвено-жолтите да не можат да се борат за пласман во повисок натпреварувачки ранг, за влез во Втората европска зона. Кипар, Црна Гора и Словенија се пласираа во плејофот.
Боите на Македонија во Улцињ ги бранеа Димитар Грабул, Шендрит Деари, Берк Бугариќ и Амар Хусеиновиќ, предводени од селекторот Горан Шевченко. Македонија на ранг-листата на Дејвис-купот e на 87-то место, Словенија е најдоброрангираната селекција од седумте што играа во Улцињ, на 64-то место (лани испадна од Втората зона), а Црна Гора е рангирана на 93-то место. Г.И.