Треба да продолжиме во еден победнички ритам, се надевам на две победи. Очекувам публиката во Гевгелија да дојде во што поголем број и да ни даде поддршка на натпреварите што следуваат, вели бекот Виктор Ефремовски. Македонија вечерва игра со Норвешка, а в недела е и дуелот со Данска, исто така во Гевгелија. Првопласираната селекција во секоја од трите претквалификациски групи ќе игра директно во квалификациите, а другите репрезентации ќе настапат во нов круг претквалификации

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска (од 19 часот), во спортската сала „26 Април“ (капацитет 1.600 гледачи), во Гевгелија ќе го игра третиот натпревар во ноемврискиот претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 во Летонија, Кипар, Финска и во Полска, со репрезентацијата на Норвешка. В недела е и дуелот со Данска, исто така во Гевгелија.
Норвешка, предводена од најдобриот кошаркар, бекот Харалд Фреј, исто како и Македонија, во првите две средби оствари две победи, со Данска на домашен и со Словачка на гостински терен, па се смета дека овој дуел ќе биде и еден од решавачките за првото место во групата Д. Македонија досега настапила на пет европски првенства, а најголемиот успех го оствари во Литванија во 2011 година, кога беше четврта. Норвешка досега не играла на ЕП.
– Треба да продолжиме во еден победнички ритам, се надевам на две победи. Очекувам публиката во Гевгелија да дојде во што поголем број и да ни даде поддршка на натпреварите што следуваат. Секако дека за нас е голем хендикеп што нема да игра Димитријевиќ, а ниту Јакимовски, но ние другите ќе сториме сѐ за Ти Џеј Шортс да биде добредојден, а како најдобар стрелец во Бундеслигата очекувам лесно да се вклопи во нашиот состав. Секако, клучен натпревар за нас ќе биде дуелот со Норвешка, ако победиме ќе биде многу полесно на наредните мечеви – вели македонскиот бек-шутер Виктор Ефремовски.
Црвено-жолтите во претстојните два дуела со Норвешка и со Данска, исто така во Гевгелија, ќе бидат хендикепирани со неиграњето на Ненад Димитријевиќ, Андреј Јакимовски и на Кристијан Николов. Во репрезентацијата првпат ќе настапи новото засилување, американскиот бек Шортс, кој игра за Телекон Бон и е најефикасниот играч во германската Бундеслига.
Цената на влезниците за средбите со Норвешка и со Данска изнесува по 100 денари и можат да се купат на билетарницата на салата „26 Април“ во Гевгелија, од 9 до 16 часот.
Првопласираната селекција во секоја од трите претквалификациски групи ќе игра директно во квалификациите, другите репрезентации ќе настапат во нов круг претквалификации, во кој ќе играат 12 селекции, a четири најдобри ќе се пласираат во квалификациите. Во случај на ист број бодови решава меѓусебниот резултат. Г.И.

ГРУПА Д

Словачка – Данска 18 ч.
Македонија – Норвешка 19 ч.

ТАБЕЛА
Норвешка 2 2 0 4
Македонија 2 2 0 4
Словачка 2 0 2 2
Данска 2 0 2 2