Уверен сум дека Македонија ќе се пласира на фајналфор-турнирот во Будимпешта и со шанси да победи таму. Тоа ни е целта, вели Павличевиќ
ОДБОЈКА – РАТКО ПАВЛИЧЕВИЌ, СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА
Најдобрите македонски одбојкари во традиционалната база во Маврово го одработуваат првиот дел од т.н. базични подготовки пред настапите во Европската сребрена лига, кон крајот на мај и во почетокот на јуни. Репрезентацијата на Македонија е во групата Б, заедно со селекциите на Романија, БиХ и на Албанија.
Во групата А, по откажувањето на Азербејџан, се само Унгарија и Финска, кои веќе обезбедија место во завршницата, каде што ќе се пласираат и најдобрите две селекции од групата Б. Вкупниот победник ќе се пласира во Европската златна лига.
На селекторската позиција на Македонија од неодамна е Србинот Ратко Павличевиќ, кој дојде на местото на неговиот сонародник Душко Николиќ, кој замина по Европското првенство (ЕП) лани.
– Во Маврово ќе бидеме две недели, до 19 мај. Условите за работа се одлични, тренираме по двапати дневно, но без некои преголеми оптоварувања, бидејќи повеќето одбојкари до неодамна имаа првенствени натпревари во клубовите. Но, покрај активниот одмор, работиме на некои технички финеси во играта, се уигруваме. Добра околност е што јас добро ги познавам речиси сите одбојкари, бидејќи еден краток период бев дел од стручниот штаб на Македонија пред Европското првенство во Словенија во 2019 година и знам какви квалитети тие поседуваат – вели Павличевиќ.
На подготовките во Маврово, селекторот Павличевиќ има на располагање дваесетина одбојкари, повеќето искусни и проверени, со подолг репрезентативен стаж, на чело со капитенот Никола Ѓоргиев, но и неколкумина помлади. Недостига само Александар Љафтов, кој има повреда на рамото.
– Тој не е во комбинација за годинашната репрезентативна кампања, што е хендикеп, бидејќи станува збор за стандарден играч во првата шесторка. Но тоа е што е, шанса ќе добие некој од помладите да се покаже и да се докаже. Добра околност е што сите други се здрави, тренираат и на тој план нема никакви проблеми – вели Павличевиќ.
По подготовките на Маврово, во Скопје е планирано и одигрување неколку контролни натпревари, но во моментов ништо не е дефинирано.
– Опција се контролки со Бугарија, на гости, во Софија, или евентуално со Албанија, ќе видиме деновиве што ќе биде. Како и да е, мислам дека ќе бидеме подготвени за натпреварите во групата против противниците, за кои засега немам многу податоци. Гледањето снимки и анализите допрва ќе следуваат, но уверен сум дека Македонија има квалитет да се пласира на завршниот фајналфор-турнир во Будимпешта, па и да победи таму. Тоа ни е целта – изјави Павличевиќ.
Покрај натпреварите во Сребрената европска лига, репрезентацијата на Македонија летово, во јули, ја очекува и настапот на Медитеранските игри во Оран (Алжир).
– Беше планирано таму да настапиме со некаков подмладен состав, но постојат добри шанси и таму да бидеме комплетни. Тоа ќе значи шанса за подобар успех, но и за уигрување, да им се даде шанса на помладите и полека да почнеме да размислуваме и да се подготвуваме за настапот на Европското првенство во 2023 година. Македонија ќе биде кодомаќин, ќе настапи третпат во низа на завршниот турнир, што е и обврска да се претстави во најдобра светлина – рече Павличевиќ.
МЕЧЕВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ВО ГРУПАТА Б
Македонија – БиХ 25 мај
Романија – Македонија 28 мај
Македонија – Албанија 1 јуни
Албанија – Македонија 4 јуни
Македонија – Романија 8 јуни
БиХ – Македонија 11 јуни
Фајналфор-турнирот е во Будимпешта, на 18 и 19 јуни