Последното ЕП за мене не е најквалитетното досега, но најизедначено – да. Сѐ повеќе се изедначува квалитетот на оние селекции што беа порано аутсајдери, како на пример Белгија, Холандија, Полска, со оние што се фаворити. Токму послаборангираните селекции и го кренаа квалитетот на ова ЕП, што мене позитивно ме изненади, а на ЕП му дадоа посебен печат. Шампионската титула на Шпанија не е изненадување. Шпанците секоја година вложуваат многу во кошарката, особено во младите категории, а и годинава освоија дури шест златни медали во тие надежни категории, машки или женски селекции, вели кошаркарскиот стручњак Јанко Луковски
КОШАРКА
Шпанската репрезентација e новиот европски првак по победата во финалето на 41. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, на мечот со Франција во Берлин, со 88-76, што претставува четврто злато во нејзината историја (2009, 2011, 2015, 2017), а има и шест сребра и четири бронзи. Со овој успех, Шпанците ја обединија европската со светската титула, која ја освоија на СП 2019 во Кина. За олимпискиот вицепрвак од Летните олимписки игри лани во Токио, Франција, ова е трето сребро од ЕП, а има едно злато и шест бронзи. Бронзениот медал ѝ припадна на Германија, што е трет во нејзината историја, откако го совлада пријатното изненадување на ова ЕП, Полска, со 82-69.
– Последното ЕП за мене не е најквалитетното досега, но најизедначено – да. Едноставно, сѐ повеќе се изедначува квалитетот на оние селекции што беа порано аутсајдери, како на пример Белгија, Холандија, Полска, со оние што се фаворити. Тука мислам на оние што беа фаворити според индивидуалните квалитети на одредени кошаркарски ѕвезди во Европа или во НБА, за разлика од нефаворизираните селекции, но кои на ова ЕП предводени од селекторите играа тимски, со победнички дух, колективна игра во одбраната и нападот. Токму послаборангираните селекции и го кренаа квалитетот на ова ЕП, што мене позитивно ме изненади, а на ЕП му дадоа посебен печат – констатира кошаркарскиот стручњак Јанко Луковски.
За Луковски не е изненадување златото на Шпанија, иако не настапи комплетна.
– Шампионската титула на Шпанија не е изненадување, оти таа е земја на кошарката, изненадување е можеби тоа што не настапија во најсилен состав, но со добар селектор, кој, пак, им даде шанса на играчите, успеаја да стигнат до златото. Шпанците секоја година многу вложуваат во кошарката, особено во младите категории, а и годинава освоија дури шест златни медали во тие надежни категории, машки или женски селекции. И Франција, Германија и Полска одиграа добро и нивниот пласман за мене не е изненадување. Изненадување е судењето, кое не беше на ниво на играта што ја видовме на ова ЕП – вели Луковски.
За поранешниот селектор на Македонија, Александар Тодоров, кој сега работи како тимски менаџер на холандскиот клуб Ланстеде Хамерс од градот Зволе, ЕП го обележале два момента.
– Шампионатот го обележаа квалитетни репрезентации и играчи, три од најдобрите пет НБА-кошаркари се натпреваруваа. Но од друга страна, пак, ЕП, кое беше обележано со скандали, пред сѐ како резултат на отсуството на најдобрите европски судии, што, според мене, претставува бесмислица, а тоа е да можат да играат кошаркари од Евролигата, а да не смеат да судат судии од истата лига, што доведе повеќе да се коментира судењето отколку играта, а и публиката бурно да негодува – вели Тодоров.
Тој не очекувал ваква поделба на медалите.
– Секако, не беше очекувана ваква распределба на медалите, оти Словенија, Србија и Грција беа фаворити, но се покажа колку е значајно да се има квалитетен селектор во една репрезентација како што беше во шпанската, која и без големи ѕвезди, со извонредни промени во одбраната и во нападот и секако тимска игра, успеа да дојде до посакуваната цел. На минатото ЕП тоа беше Србинот Игор Кокошков, а сега Серџо Скариоло. Изненадување претставува и пласманот на Грција, која не успеа да стигне до полуфиналето, уште повеќе што имаше, според мене, најдобар селектор на ова ЕП. Што се однесува до играта, немаше некои големи новитети, тоа е кошарката што се игра во Европа и која очекувано повеќе се базира на физичката подготвеност – смета Тодоров.
Браќата Ернангомес добија две награди МВП
Центарот на шпанската репрезентација Вили Ернангомес е прогласен за најкорисен играч (МВП) на ЕП. Кошаркарот на НБА-клубот Њу Орлеанс одигра одлично, на девет натпревари просечно постигнуваше по 17,2 поена, седум скока и една асистенција, а имаше шут за два поена со реализација од 70 отсто. За најдобар играч на финалниот натпревар е прогласен неговиот брат Хуанчо Ернангомес, кој уфрли 27 поени, со шут за три 7/9 и оствари индекс од 30 поени. Во идеалната петорка влегоа Денис Шредер (Германија), Лоренцо Браун (Шпанија), Вили Ернангомес (Шпанија), Руди Гобер (Франција) и Јанис Адетокумпо (Грција).
Сите титули под водство на Италијанецот Скариоло
Сите четири европски круни што Шпанија досега ги освои на ЕП се под водство на италијанскиот кошаркарски стратег Серџо Скариоло. Човекот што никогаш во кариерата не ја водел репрезентацијата на својата татковина, „се најде“ себеси на Пиринејскиот Полуостров и во 2009, 2011, 2015 и 2022 година ја носеше Шпанија до европското злато, а сега е втор најуспешен тренер во историјата на континенталните првенства. Скариоло го стигна на втората позиција поранешниот советски селектор Степан Спандарјан, а пред нив е само Русинот Александар Гомељски, кој шест пати се закитил со златниот медал (во 1963, 1965, 1967, 1969, 1979 и во 1981 година).