Љафтов: Полни сме со ентузијазам и со желба за победа

Украина е силен противник, но ние сме доволно искусни, а сега и со нов селектор. Се подготвуваме во најдобри услови, дисциплинирано на тренинзите, така што сум убеден дека ќе направиме добри резултати, вели репрезентативецот Љафтов

ОДБОЈКА – УТРЕ ПОЧНУВААТ ЗЛАТНАТА И СРЕБРЕНАТА ЕВРОПСКА ЛИГА

Македонските одбојкарски репрезентации по завршените подготовки, утре ги очекуваат првите дуели на европската сцена сезонава. Машката репрезентација во Златната европска лига ќе ѝ гостува на Украина, во полскиот град Лоѓ. Женската репрезентација, пак, по пауза од 11 години, ќе игра во Сребрената европска лига.
Одбојкарите освен со Украина, во првите кола ќе играат и со Белгија (прв меч на 31 мај) и со Хрватска (3 јуни, двете во Скопје), кои се квалитетни селекции. Реваншите се во јуни.
Само првопласираните репрезентации во трите групи ќе се најдат на завршниот турнир во хрватскиот град Задар (24-25 јуни), а во групата на Македонија постои можност и за второпласираниот, ако Хрватска биде прва по шесте кола.
– Нѐ очекува првиот дуел во Златната европска лига против Украина. Полни сме со ентузијазам и со желба за победа. Украина е силен противник, но ние сме доволно искусни, а сега и со нов селектор. Се подготвуваме во најдобри услови, дисциплинирано на тренинзите, така што сум убеден дека ќе направиме добри резултати. Ако ја играме нашата игра, сѐ ќе биде во најдобар ред – вели искусниот Александар Љафтов.
И македонската женска селекција сите средби дома ќе ги игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Покрај првиот ривал Австрија, во групата се и Летонија (прв меч на 31 мај, дома) и Естонија (3 јуни, дома). Реваншите се во јуни.
– Времето брзо помина од првото собирање на репрезентативките. Веќе утре нѐ очекува првиот натпревар, секогаш е спортски да се надеваме на победа. Има позитивна енергија на тренинзите, сите добро се познаваме, стручен штаб со кој го анализиравме противникот и се надеваме на успех по толку години отсуство. Ја повикувам публиката да дојде во поголем број и да ни помогне нашиот настап да биде успешен – вели репрезентативката Тамара Стојанова. Г.И.