Задоволен сум од настапот на сите македонски натпреварувачи, вели селекторот

КАРАТЕ – ПО БАЛКАНИЈАДАТА ВО БЕЛГРАД

Македонската карате-репрезентација на неодамнешната Балканијада за сениори во Белград (Србија), освои седум медали, и тоа по едно злато и сребро и пет бронзи. Поединечно со сребро се закити Витомир Трајковски, а со бронзи Петар Заборски, Фахик Весели, Ангела Мојсовска и Јована Георгиева. Но во екипна конкуренција каратистите (Петар Заборски, Доан Османи, Петар Спасеновски, Мурсел Мисими, Фахик Весели, Глигор Петков и Вегим Мурати), освоија златен медал, а каратистките (Јована Георгиева, Ангела Мојсовска, Моника Пендаровска и Симона Заборска) бронзен. На Балканијадата учествуваа 10 држави со вкупно 1.338 спортисти.

– На Балканијадата настапивме со натпреварувачи што ги освоија првите три места на првенството на Македонија, но во скратен список и отсуство на неколку стандардни првотимци. Екипно момците во полуфиналето остварија лавовска победа над домаќинот Србија, која лани беше европски шампион токму во Белград, што е огромен успех за нас. Петар Заборски ја забележа клучната победа славејќи со 8-0, што се покажа пресудно за конечен триумф со поен-разлика (во победи мечот заврши 2-2 – н.з.). Во финалето, пак, беше победена Црна Гора со 3-1. Девојките во мечот за влез во финалето, при нерешен резултат загубија од Србија со поен-разлика (5-6) и завршија на третата позиција – вели селекторот во борби, Александар Кузмановски.
Селекторот очекува и во иднина овие млади каратисти да освојуваат медали.
– Секако дека сум задоволен од настапот на сите македонски натпреварувачи во Белград, иако ова беше веднаш по ЕП, по кое беа малку и опуштени. Сениорите се покажаа на висина на задачата, а освоените балкански медали се репер за квалитет. Од сите што освоија медали во Белград има и нови имиња од кои очекувам и понатаму да ги бранат боите на репрезентацијата. Кај мажите тоа се Петар Заборски и Фахик Весели, а кај девојките Јована Георгиева и Ангела Мојсовска. Поединечно пријатно изненади младиот Витомир Трајковски, а тука е и Петар Спасеновски, носителот на сребро од ЕП во Турција и сметам дека ова е негова година – рече Кузмановски.