Покрај првата награда од 15.000 евра, Костењук освои и нови 160 гранпри-поени
ШАХ – ГРАНПРИ-ТУРНИР ВО МИНХЕН
И покрај поразот во последното коло од кинеската шаховска феноменка Јинер Жу (2.486 рејтинг-поени), поранешната светска шампионка во шах (2008-2010), Русинката Александра Костењук (2.519) триумфира на меѓународниот женски турнир што се одигра во Минхен (Германија), а втор од Гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2022-2023 година.
Освен првата награда од 15.000 евра, Костењук освои и нови 160 гранпри-поени. Сепак, Русинката не беше многу задоволна од прикажаната игра, иако го освои првото место.Среќата беше на нејзина страна во неколку партии, на пример таа имаше целосно загубена позиција против својата најголема конкурентка, Индијката Химпи Конеру (2.572). Најдобрата индиска шахистка имаше можност да ја стигне Костењук ако ја победеше Тан Жонгји (2.530), но сепак не успеа да ја пробие цврстата дефанзивна игра на Кинезинката.
Бронзениот медал ѝ припадна на врвната грузиска велемајсторка Нана Џагниџе (2.517). На турнирот настапија вкупно 12 шахистки, а се одиграа 11. кола.
Табела: Костењук 7,5 поени (160 бода), Конеру 7 (130), Џагнидзе 6,5 (110) итн. Г.И.